Женска рака со природни нокти
Melanoma

Темна линија на нокотот: кога е меланом?

Written and medically reviewed by Dr. Verche Todorovska, specialist dermatovenereologist

Меланомот може да се појави и под ноктот. Најчесто почнува како темна, кафеава или црна линија по должината на ноктот, која полека станува сè поширока. Бидејќи наликува на модрица или повреда, често се занемарува со месеци и години. Секоја нова лентовидна пигментација на ноктот, без јасна повреда, бара преглед со дермоскоп.

Накратко

  • Меланом под ноктот (субунгвален меланом) е редок, но се открива доцна, бидејќи се мисли дека е повреда.
  • Типичен почеток: темна линија на ноктот која постепено се шири.
  • Се јавува на сите типови кожа, на прстите на рацете и нозете.
  • Гел и акрилните нокти ги кријат вистинските нокти. Проверувајте ги меѓу две поставувања.
  • Ноктите се прегледуваат со дермоскоп. Тој преглед се вика онихоскопија.

Како изгледа меланомот под ноктот?

Меланомот може да се јави секаде каде што има меланоцити, клетките кои ѝ даваат боја на кожата. А меланоцити има и под ноктите. На ноктот меланомот најчесто изгледа како:

  • темна линија по должината на ноктот, кафеава до црна
  • линија која полека се проширува и станува сè потемна или пошарена
  • подоцна, дамка или раничка која не заздравува и знае да крвари

Првата промена, линијата, треба да биде аларм. Не треба да се чека да се појави раничка или ноктот да се оштети.

Зошто се открива доцна?

Затоа што речиси секогаш се мисли дека е повреда. Најпознатиот пример е Боб Марли. Кога му се појавила темна дамка под ноктот на ножниот палец, мислел дека е повреда од фудбал, и долго време така и била третирана. Се покажало дека е акрален меланом, од кој почина на 36 години.

Меланомот под ноктот и на стапалата (акрален меланом) најчесто расте полека, со години. Затоа има време да се открие навреме, ако некој го погледне.

Дали е почест кај луѓе со потемна кожа?

Не, тоа е честа заблуда. Акралниот меланом е подеднакво чест кај сите типови кожа, бидејќи главните причини се генетиката и околината, а не сонцето. Само изгледа почест кај потемната кожа, бидејќи таму другите видови меланом се поретки.

Гел-нокти и UV ламби

Гел и акрилните нокти имаат еден скриен проблем: ноктите се постојано покриени, па вистинскиот нокот со месеци не се гледа. Затоа меѓу две поставувања погледнете ги ноктите без лак.

UV ламбите за сушење на гел-лакот се исто така извор на UV зрачење. Дали тие многу ниски дози го зголемуваат ризикот за рак на кожа, ќе покаже времето. Јас сепак препорачувам да се избегнуваат кога е можно.

Модрица или меланом?

Модрица под ноктот обично се појавува по јасен удар, ја боли и, со растот на ноктот, се поместува кон врвот и исчезнува. Темна линија или дамка која не се поместува, не исчезнува или се шири, особено без повреда, треба да ја прегледа дерматолог.

Како се прегледува ноктот?

Со дермоскоп, истиот рачен микроскоп со кој се прегледуваат бенките. Прегледот на ноктите се вика онихоскопија. Безболен е и брз и покажува структури во ноктот кои не се гледаат со голо око. Ако промената е сомнителна, следи биопсија и анализа.

Повеќе за меланомот на места каде што најмалку го очекуваме: Меланом под косата, на стапалата и ноктите.


Ако забележите темна линија на ноктот која се менува, не чекајте да израсне. Закажете преглед во Дерма Нова.

Најчесто поставувани прашања

Што значи темна линија на ноктот?

Може да има повеќе причини, од безопасна пигментација до меланом под ноктот. Нова линија која постепено се шири, без јасна повреда, треба да се прегледа со дермоскоп.

Дали меланом под ноктот боли?

Најчесто не, особено на почетокот. Затоа не чекајте болка. Темна линија која се шири е доволна причина за преглед.

Како да разликувам модрица под ноктот од меланом?

Модрицата се појавува по удар и се поместува со растот на ноктот додека не исчезне. Дамка која не се поместува, не исчезнува или се шири треба да ја прегледа дерматолог.

Дали гел-ноктите се опасни?

Самите гел-нокти не се. Проблемот е што ноктите постојано се покриени, па промена може да се пропушти. Меѓу две поставувања проверувајте ги ноктите без лак.