Дермоскопскиот преглед (дерматоскопија) е брз, безболен преглед на кожата со дермоскоп: рачен инструмент кој покажува структури под површината на кожата, невидливи со голо око или со лупа. Само со дермоскоп дерматологот може со сигурност да разликува безопасна бенка од меланом, и тоа во најраната фаза, кога меланомот сè уште личи на обична бенка. Прегледот не бара подготовка, нема споредни ефекти, а се препорачува еднаш годишно за секого.
Накратко
- Дермоскопија и дерматоскопија се два назива за истиот преглед.
- Дермоскопот покажува структури во горните слоеви на кожата. Лупата покажува само што има на површината.
- Прегледот е безболен, брз, без подготовка и без споредни ефекти.
- Мора да ја опфати целата кожа: без целосен преглед се пропушта по еден карцином на секои 50 пациенти.
- Потребна е посебна едукација. Само обучен дерматолог може правилно да ги толкува дермоскопските знаци.
Што е дермоскоп и што гледа?
Дермоскопот е оптички инструмент, сличен на отоскопот за ушите или офталмоскопот за очите. Ги открива деталите од епидермисот и горниот дел на дермисот, структури 1 до 2 мм под површината на кожата. Прегледот со голо око или со лупа покажува само што има на површината.
Секоја промена на кожата има карактеристични структури. Кога ги гледаме преку дермоскопот, можеме да ги анализираме и да поставиме точна дијагноза. Искусен дермоскопист може дури и да ја предвиди дебелината на меланомот, само врз основа на боите и структурите, а колку е потенок меланомот, толку е подобра прогнозата.
Дермоскопијата е тивка револуција во медицината на 21 век. Таа го промени начинот на кој работат дерматолозите. Дермоскопот е нашиот нов стетоскоп: со него се дијагностицираат не само ракот на кожа, туку сите видови кожни промени, вклучително и болестите на косата (трихоскопија) и на ноктите (онихоскопија).
Како изгледа прегледот?
- Без подготовка. Не е потребно ништо посебно пред прегледот.
- Безболно. Дермоскопот само се поставува на површината на кожата.
- Целата кожа. Дерматологот ја прегледува целата кожа, вклучително и скалпот, стапалата, меѓу прстите и ноктите, а не само бенките кои ве загрижуваат.
- Секоја бенка. Се прегледува секоја бенка со дермоскоп, не само оние кои изгледаат сомнително, без разлика дали имате 20 или 200 бенки.
- Без ризик и без споредни ефекти.
Прегледот ги има сите особини на одличен тест: прецизен е, брз, безболен, без споредни ефекти. И таргетира болест која е животозагрозувачка ако се остави, но со рано откривање е излечива.
Зошто прегледот со голо око не е доволен?
Затоа што под дермоскопот истата промена изгледа сосема поинаку. Дермоскопската слика открива цел универзум од бои и структури, кои ги препознава само обученото око на дерматологот.
Пример од мојата пракса: две речиси идентични пигментирани промени, на исто место, со голо око и со лупа изгледаа исто. Под дермоскопот, првата беше безопасна себороична кератоза, а втората меланом со дебелина од 2 мм.
Кај осамена, сјајна, црна промена која „го бие окото“ листата на можни дијагнози е долга: од бенигни промени до меланом. Без дермоскопија не може да се каже ни дали е бенигна или малигна.
Дермоскопијата носи две предности истовремено:
- порано го открива ракот на кожа, вклучително и меланомите кои не ги следат АБЦДЕ правилата (Меланом кој не личи на меланом)
- го намалува непотребното вадење на безопасни бенки
Што следува по прегледот?
Ако промената е безопасна, не е потребно ништо повеќе. Ако е сомнителна, се отстранува и анализира, или се следи со дигитална дермоскопија. Подетално за можните исходи има во Што е дермоскопија?
Кој треба да оди на дермоскопски преглед и колку често?
Секој човек еднаш годишно, како превентивен скрининг за рак на кожа. Кај дури 60% од пациентите со меланом не постои ниту еден ризик-фактор.
Почесто, обично со дигитална дермоскопија:
- лица со повеќе од 50 бенки
- лица кои веќе отстраниле меланом: ризикот за втор меланом е до 12%, особено во првите 2 години
- лица со историја на сончеви изгореници или користење солариум
- лица со посветол тен, руса или црвена коса
- лица на имуносупресивна терапија, на пример по трансплантација
Веднаш, ако забележите нова промена на кожата која расте или се менува. Повеќе во Кога треба да направите дермоскопски преглед и зошто.
Кој треба да го прави прегледот?
Дермоскопијата бара посебна едукација: курсеви и обуки за „дермоскопската азбука“ и за правилно толкување на бројните обрасци кои укажуваат на бенигна или малигна промена.
Д-р Верче Тодоровска е единствениот носител на Професионална диплома за дермоскопија во Македонија и национален претставник на Меѓународното здружение за дермоскопија (International Dermoscopy Society). Повеќе за д-р Тодоровска.
Само еден преглед може да спаси живот: вашиот или на некого што го сакате. Закажете дермоскопски преглед во Дерма Нова. Повеќе за процедурата има во Што е дермоскопија?

