Жена ја гледа својата кожа во мало огледало
Melanoma

Самопреглед на бенките: како да ја проверите кожата дома

Written and medically reviewed by Dr. Verche Todorovska, specialist dermatovenereologist

Еднаш месечно, пред огледало, при добро светло, проверете ја целата кожа, од скалпот до меѓу прстите на нозете. Не барате „грда бенка“. Барате нешто ново или нешто што се менува: нова бенка, бенка што расте, или бенка која не личи на ниту една друга. Самопрегледот трае околу десет минути, но не го заменува прегледот кај дерматолог еднаш годишно.

Накратко

  • Самопреглед: еднаш месечно, пред големо огледало, со второ рачно огледало за грбот.
  • Најважниот знак е промената: нова бенка или бенка што расте и се менува.
  • Знакот „грдо пајче“: бенка што се разликува од сите други.
  • Меланомот најчесто се јавува на грбот кај мажите и на нозете кај жените, но може и на скриени места: скалп, стапала, меѓу прстите, под ноктите.
  • Самопрегледот не е доволен. Еднаш годишно направете преглед со дермоскоп.

Зошто самопреглед?

Затоа што меланомот е единствениот рак кој можеме да го видиме. Сепак, пациентите најчесто доаѓаат на преглед две до три години откако мала точка на кожата почнала да расте. Не ја забележуваат, бидејќи се навикнале на неа. Месечниот самопреглед ви помага да ја запознаете својата кожа и да ја забележите промената навреме.

Што ви е потребно

  • големо огледало и мало рачно огледало
  • добро светло
  • столче, за полесно да ги прегледате стапалата
  • телефон, ако сакате да ги фотографирате бенките за споредба следниот месец
  • партнер или член на семејството, за грбот и скалпот

Чекор по чекор

  1. Лице. Носот, усните, ушите, а потоа и зад ушите.
  2. Скалп. Разделувајте ја косата со чешел или фен, дел по дел. Најлесно е некој друг да ви помогне.
  3. Врат и рамења, напред и назад.
  4. Гради и стомак. Кај жените и под градите.
  5. Раце. Дланките и надворешната страна, меѓу прстите и ноктите.
  6. Грб. Застанете со грбот кон големото огледало и гледајте во рачното. Тоа е најчестото место за меланом кај мажите.
  7. Задникот и гениталната регија.
  8. Нозе, напред и назад. Тоа е најчестото место за меланом кај жените.
  9. Стапала. Табаните, меѓу прстите и ноктите на нозете.

На што да внимавате

Најважна е промената. Внимавајте на:

  • нова бенка, особено кај возрасни
  • бенка што расте или се менува во облик, боја или големина
  • бенка што не личи на другите. Сите бенки кај еден човек си личат. Таа што отстапува е „грдото пајче“.
  • АБЦДЕ знаците: асиметрија, нерамни ивици, повеќе бои, дијаметар над 6 мм, еволуција. Повеќе во Како да препознаете меланом: АБЦДЕ правило
  • испакната, цврста промена која расте, дури и ако е розова или во боја на кожата
  • темна линија на ноктот која се шири. Повеќе во Темна линија на нокотот
  • раничка што не заздравува подолго од месец

Не чекајте чешање, болка или крварење. Меланомот на почетокот не дава симптоми.

Не заборавајте ги скриените места

Меланомот може да се јави секаде каде што има пигментни клетки, а не само на кожата изложена на сонце: скалпот, зад ушите, меѓу прстите, табаните, под ноктите, гениталната регија. Една пациентка мислеше дека дамката на табанот е од чевли што не се вади. Беше акрален меланом.

Ако носите гел или акрилни нокти, проверувајте ги ноктите меѓу две поставувања.

Проверете го грбот на партнерот

Најчестото место за меланом е трупот: грбот, градите, стомакот. Своиот грб тешко го гледаме. Затоа еднаш месечно проверете го грбот на партнерот, а нека тој го провери вашиот. Можеби ќе му спасите живот.

Фотографиите не се замена за преглед

Фотографиите на телефон се корисни за да ја споредите кожата од месец до месец. Но не следете сомнителна бенка сами, со фотографии. Пациент со повеќе од 100 бенки имаше на грбот бенка за која друг дерматолог му рекол дека е подобро да се отстрани. Тој одлучи сам да ја следи со месечни фотографии. Бенката не разви ниту еден АБЦДЕ знак, а сепак беше инвазивен меланом. Некои меланоми не ги следат правилата.

Ако бенката е сомнителна, следењето го прави дерматолог, со дигитална дермоскопија. Ако е препорачано отстранување, не го одложувајте.

Самопрегледот не е доволен

Самопрегледот е важен, но не смееме целосно да се потпреме на него. Повеќето промени не можеме сами да ги процениме. Меланомот во најраната фаза е симетричен, со една боја и личи на обична бенка, и тогаш го открива само дермоскопот. Затоа:

  • самопреглед еднаш месечно
  • дермоскопски преглед кај дерматолог еднаш годишно, почесто ако имате многу бенки, претходен меланом или семејна историја
  • преглед веднаш ако забележите нешто ново што се менува

Не сте сигурни дали сте во ризик? Пополнете ја онлајн проценката на ризик од рак на кожа.


Самопрегледот е првиот чекор, а прегледот со дермоскоп вториот. Закажете дермоскопски преглед во Дерма Нова.

Најчесто поставувани прашања

Колку често треба да правам самопреглед на бенките?

Еднаш месечно. Почесто не е потребно: малите промени полесно се забележуваат кога има месец помеѓу два прегледа.

Што ако забележам нова бенка?

Кај возрасен човек, нова бенка што расте или се менува треба да ја прегледа дерматолог со дермоскоп. Не чекајте да почне да чеша или крвари.

Може ли самопрегледот да го замени прегледот кај дерматолог?

Не. Меланомот на почетокот личи на обична бенка, па го открива само дермоскопот. Самопреглед еднаш месечно и дермоскопски преглед еднаш годишно.

Каде најчесто се појавува меланомот?

Кај мажите најчесто на грбот, кај жените на нозете. Но може да се јави секаде, и на места што не се изложени на сонце: скалпот, табаните, под ноктите.