Мајка го гушка своето мало дете
Melanoma

Бенки кај деца: кога треба да се прегледаат?

Written and medically reviewed by Dr. Verche Todorovska, specialist dermatovenereologist

Кога на детето ќе му се појави нова бенка, повеќето родители се загрижуваат. Но новите бенки кај децата се очекувани. Најголемиот број бенки се јавуваат токму во детството и младоста. Тие се нормален дел од кожата, групи пигментни клетки кои се сосема безопасни.

Кај децата има само две ситуации во кои советувам преглед кај дерматолог: поголема бенка со која детето е родено и бенка која нагло расте и се менува. За сите други бенки нема потреба од паника ниту од посебни прегледи.

Накратко

  • Бенките почнуваат да се јавуваат по втората-третата година, најмногу во предучилишна возраст. Колку ќе бидат зависи од генетиката.
  • Нормалните бенки кај децата се мали, мазни, овални и кафеави, и растат полека и рамномерно, заедно со детето.
  • Бенка од раѓање (вродена бенка) се проверува еднаш годишно.
  • Бенка која за 2–3 месеци станала испакната, розова или многу темна (сино-црна) треба да се прегледа веднаш.
  • Бенките не бараат посебна заштита од сонце. Се заштитува целата кожа.

Кога се појавуваат бенките кај децата?

Само мал број деца, околу 1%, се раѓаат со бенка. Кај повеќето деца првите бенчиња се појавуваат по втората-третата година, а најмногу во предучилишна возраст. Нови бенки се јавуваат сè до околу 40-тата година.

Колку бенки ќе има детето најмногу зависи од генетиката. Ако родителите имаат многу бенки, најверојатно ќе имаат и децата. Ако немаат, не очекуваме ништо необично ни кај децата.

Бенките можат да се појават насекаде: на прстињата и меѓу нив, на стапалата, на дланките, па и на скалпот под косата. Неодамна на преглед дојде мало дете кај кое одеднаш се појавија неколку бенки на главата, под косата. Тоа не е ништо страшно.

Како изгледа нормална бенка кај дете?

Повеќето бенки кај децата се мали, мазни, овални, кафени промени. Како што расте детето, растат и бенките: симетрично, рамномерно и полека, речиси незабележливо. Некои со годините стануваат малку испакнати, и тоа е нормално.

Ако бенките на детето личат една на друга и растат полека, нема причина за грижа.

Бенка од раѓање (вродена бенка)

Бенките со кои детето се раѓа се викаат конгенитални (вродени) невуси. Можат да бидат поголеми, од еден сантиметар па нагоре, со нерамна површина, понекогаш и со влакненца. Растат заедно со детето, со динамика која ние однапред можеме да ја предвидиме.

Ризикот вродена бенка да се претвори во меланом е мал, од 0 до 5%. Најголем е кај многу големите вродени бенки (поголеми од 20 cm), кои се исклучително ретки. Затоа вродените бенки се следат: преглед еднаш годишно е доволен за да знаеме дека сè е во ред.

Бенка која нагло расте кај дете

Ова е единствената причина за итен преглед кај децата, покрај вродените бенки. Станува збор за бенка која за два-три месеци:

  • станува испакната,
  • и е розова, или
  • е многу темна, темносина до црна.

Најчесто тоа е таканаречен Шпиц невус (Спиц бенка), кој го очекуваме и најчесто го гледаме токму кај најмладите. Порано се викаше „јувенилен меланом“, но денес знаеме дека е бенигна бенка. Сепак, има „сиви зони“ поради кои под дермоскоп не може со сигурност да се разграничи од меланом. Разликата ја потврдува дури патологот, по отстранувањето.

Затоа за Шпиц невусот постои протокол: ако е испакнат или нагло расте, се препорачува да се отстрани навреме, дури и кај помало дете. Кај деца над 12 години отстранувањето е правило.

Дали бенките на детето треба да се заштитуваат од сонце?

Не посебно. Бенките не бараат посебна заштита ниту посебен пристап. Кога го мачкате детето со заштитен фактор, нема потреба бенките дополнително да се заштитуваат, а уште помалку да се лепат фластери врз нив.

Оштетувањата од сонцето ги прима целата кожа, а не само бенките. И малигните промени најчесто не се јавуваат на постоечка бенка, туку на сосема нова, здрава кожа. Затоа се заштитува целата кожа. Изгорениците во детството го зголемуваат ризикот од меланом подоцна во животот.

Неколку правила за заштита на детската кожа од сонце:

  • Бебиња до 6 месеци не треба воопшто да се изложуваат на директно сонце. Нивната кожа е многу потенка од кожата на возрасните и лесно може да дојде до изгореница, па и до прегревање и сончаница.
  • До околу 3-годишна возраст детето не треба да биде на сонце во најинтензивниот период, од 11 до 17 часот.
  • По 6-тиот месец се користат заштитни фактори направени за деца, со минерални филтри (цинк оксид и титаниум диоксид).

Повеќе за ова прочитајте во Бенката треба дополнително да се штити од сонце

Како изгледа прегледот на бенки кај дете?

Бенките се прегледуваат со дермоскоп, рачен микроскоп со сопствен извор на светлина. Се прислонува на кожата и ја зголемува бенката 10 пати, така што гледаме и до 2 милиметри под површината на кожата.

Прегледот е сосема безболен, без никакво зрачење, едноставен и брз. На искусен дермоскопист често му се доволни неколку секунди за една бенка за да процени дали е бенигна, сомнителна или, не дај боже, малигна. Затоа е погоден и за мали деца.

Ако бенката е сомнителна, препораката е секогаш да се отстрани. Подобро е да се отстрани нешто сомнително отколку да се остави промена која може да наштети. Повеќе за прегледот: Како изгледа дермоскопскиот преглед?

Отстранување на бенка кај дете

Бенката се отстранува хируршки, со мал рез од 2 до 5 милиметри во здрава кожа околу неа. Кај возрасните тоа е кратка интервенција во локална анестезија: се отстранува, се ставаат неколку конци и одите дома.

Кај помалите деца, до околу 6–8 години, интервенцијата не може да се направи само со локална анестезија, затоа што детето не може да соработува и да мирува. Затоа детето се седира, за интервенцијата да биде што пократка и правилно завршена.

Ова не е ништо страшно. Кај децата раничката многу брзо заздравува, а по две-три години често не се гледа ни лузна.

Што ако детето ја повреди бенката?

Децата паѓаат и се гребат, и понекогаш токму бенката ќе се повреди. Тоа е како секоја друга раничка. Измијте го местото со сапун и неколку дена ставајте антибиотска крема.

Ако раничката не заздрави за 5–7 дена, или продолжи да крвари, да црвенее или да се воспалува, донесете го детето на преглед. Без паника. Повредата не ја претвора бенката во рак. Повеќе: Што треба да направите доколку повредите бенка

Деца со многу бенки

Постојат ретки генетски синдроми кај кои кожата е пречувствителна на сонце, па уште во мала возраст се јавуваат стотици, па и над илјада бенки и пигментни промени. Овие деца треба редовно да ги следи дерматолог. Но тоа се многу ретки состојби. Кај огромното мнозинство деца, повеќе бенки значат само дека се наследени од родителите.


Ако забележите бенка која нагло расте, или детето е родено со поголема бенка, закажете дермоскопски преглед во Дерма Нова. За другите кожни проблеми кај децата, погледнете детска дерматологија.

Најчесто поставувани прашања

Дали е нормално на детето да му се појавуваат нови бенки?

Да. Најголем број бенки се јавуваат во детството, особено по втората-третата година и во предучилишна возраст, а нови бенки се јавуваат сè до околу 40-тата година. Ако се мали, мазни, слични една на друга и растат полека, нема причина за грижа.

Кога бенка кај дете треба да се прегледа?

Во две ситуации: кога детето е родено со поголема бенка (таа се проверува еднаш годишно) и кога бенка за 2–3 месеци станала испакната, розова или многу темна. Втората треба да се прегледа веднаш, бидејќи најчесто станува збор за Шпиц невус, кој често се отстранува.

Дали бенка од раѓање е опасна?

Ризикот вродена бенка да се претвори во меланом е мал, од 0 до 5%, а најголем е кај многу големите вродени бенки, поголеми од 20 cm, кои се исклучително ретки. Вродените бенки се следат со дермоскопски преглед еднаш годишно.

Дали треба да ги покривам бенките на детето со фластер на сонце?

Не. Бенките не бараат посебна заштита. Сонцето ја оштетува целата кожа, а меланомот најчесто се јавува на здрава кожа, не на бенка. Заштитете ја целата кожа: облека, сенка, без сонце од 11 до 17 часот и заштитен фактор за деца по 6-тиот месец.

Како се отстранува бенка кај мало дете?

Хируршки, со мал рез од 2 до 5 милиметри во здрава кожа. Кај децата до околу 6–8 години се прави со седација, за детето да мирува и интервенцијата да заврши брзо. Раничката кај децата заздравува брзо и често по неколку години не се гледа ни лузна.