Во поголема мера ова прашање е резултат на стравот од бенките, кој е неопправдан. Бенките се нормален дел од нашата кожа, само 2 % од целата популација нема бенки, значи сите имаат бенки, некој помалку некој повеќе. Бенките во лицева регија се сметаат и кај нас како знак на убавина.
За појавата на бенките 60% одговорни се нашите гени, а 40% изложеноста на сонце, поточно нашето однесување под сонцето. Така да само на овој фактор можеме да делуваме. Препораките за совесно под сонцето сите ги знаеме, да користиме заштитен фактор, заштитна облека кога подолго престојуваме на отворено (шапка, очила за сонце. долги ракави) да избегнуваме да се изложуваме на сонце во периодот од 11 до 17 часот, кога сенката е најкуса а инсолацијата највисока.
Порано се сметаше дека главната УВ радијација ја примаме во текот на детството, но во поново време со популаризација на рекреативните спортови на отворено, таа граница е поместена до 4тата деценија.
Никогаш не е доцна да се почне со заштита, бидејќи негативниот ефект на УВ зраците е кумулативен, се собира во текот на годините, велима кожата памти. Негативните ефекти се појавувват и во форма на фотостареење, а со текот на времето и кожни карциноми.
Затоа доколку сакате да имате "помалку бенки", младешки изглед и да го намалите ризикот за појава на кожни карциноми користете СПФ редовно, без оглед на сезоната, сонцето сјае насекаде!

