Насмеана жена нанесува крема на лицето
Меланом

Бенка што чеша, крвари или се лупи: кога е знак за тревога?

Напишано и медицински прегледано од д-р Верче Тодоровска, специјалист дерматовенеролог

Бенка што повремено чеша најчесто не е меланом. Тоа е еден од најраспространетите митови. Меланомот на почетокот не чеша, не боли и не крвари. Тие симптоми се јавуваат доцна, кога веќе навлегол подлабоко во кожата. Затоа вистинскиот знак за тревога не е чешањето, туку промената: бенка што расте, се менува, или раничка на кожата што не заздравува подолго од месец.

Накратко

  • Чешањето само по себе не е знак за меланом. Меланомот најчесто не дава никакви симптоми додека не напредне.
  • Бенка што крвари без повреда, или раничка што прави круста и не заздравува подолго од месец, бара итен преглед.
  • Повредата не ја претвора бенката во рак, но повредената бенка треба да се види со дермоскоп.
  • Чешањето е важен знак кај базоцелуларниот карцином, а планоцелуларниот може да боли.
  • Најчесто чешаат себороичните кератози, безопасни „масни брадавици“ кај повозрасните.

Дали бенка што чеша е меланом?

Најчесто не. Бенка што повремено чеша, особено на место каде облеката трие, не е причина за паника. Меланомот е подмолен токму затоа што на почетокот не дава никакви симптоми. Чешање, болка и крварење се јавуваат во најдоцната фаза, кога меланомот е веќе развиен и најверојатно навлегол во подлабоките слоеви.

Затоа не чекајте симптоми. Знаците на кои треба да внимавате се:

  • нова бенка кај возрасен човек
  • бенка што расте или се менува во боја, облик или големина
  • бенка која се разликува од сите други (знакот „грдо пајче“)

Ако бенката што чеша е и нова или се менува, тогаш секако закажете преглед.

Што значи кога бенката крвари?

Кога пациентите доаѓаат со напреднат меланом, најчесто велат: „Ова е бенка што ја повредив, и тоа неколку пати.“ Напреднатиот меланом често изгледа токму така: како голема, раскрварена, шарена бенка што наликува на повредена. Таа лесно крвари и при мала повреда и не заздравува.

Тоа не значи дека повредата предизвикала рак. Повредата не прави бенката малигна. Значи дека ракот веќе бил таму. Кога меланомот е откриен во таа фаза, шансите за излекување се помали. Сè уште се над 90%, но не е исто 90 и 99%.

Затоа:

Раничка што прави круста и не заздравува

Кожата има голема моќ да се обновува. Обична гребнатинка или повреда, на било која возраст, треба да заздрави најдоцна за месец дена.

Ако раничката прави круста, крустата паѓа, па после некое време раничката повторно се отвора, и тоа трае подолго од месец, особено на лицето и другите делови изложени на сонце, тоа е основниот знак за можен базоцелуларен карцином. Брзо растечко брунче што крвари и не заздравува може да биде и планоцелуларен карцином. Двата бараат преглед.

Кои промени на кожата чешаат?

  • Себороичните кератози („масни брадавици“) кај повозрасните. Се ронат, лесно се закачуваат и на местата каде има триење и влага, под градите, на грбот или на стомакот, знаат да чешаат. Се безопасни. Повеќе во Што е себороична кератоза?
  • Базоцелуларниот карцином. Кај него чешањето е важен знак. Долготрајна промена што чеша и не поминува треба да се прегледа.
  • Планоцелуларниот карцином е единствениот рак на кожа кој уште на почетокот може да предизвика болка или пецкање, бидејќи се шири околу нервите.

Повредена бенка кај дете

Децата често паѓаат и знаат да ја повредат бенката. Тоа не е ништо страшно. Измијте го местото со сапун и неколку дена ставајте антибиотска крема. Ако за 5 до 7 дена не заздрави, ако повторно крвари или е црвено и воспалено, дојдете на преглед. Без паника.


Не чекајте бенката да почне да чеша или да крвари. Закажете дермоскопски преглед во Дерма Нова.

Најчесто поставувани прашања

Дали бенка што чеша е опасна?

Најчесто не. Меланомот на почетокот не чеша. Внимание бара бенка што е нова, расте или се менува, без разлика дали чеша.

Бенката ми крвари. Дали е рак?

Не мора. Но бенка што крвари без повреда, или повредена бенка што не заздравува, треба што побрзо да се прегледа со дермоскоп за да се исклучи рак на кожа.

Дали може бенка да стане малигна ако ја скинам?

Не. Повредата не предизвикува рак. Сепак, секоја повредена бенка треба да се провери, бидејќи меланомот лесно крвари и често личи на бенка.

Раничка на лицето не заздравува со месеци. Што е тоа?

Раничка што прави круста и се отвора повторно подолго од месец може да биде базоцелуларен карцином. Потребен е дермоскопски преглед.