Секој човек ги има, во просек 20 до 40. Некои од нас не ги ни забележуваат, но за жал кај многу луѓе претставуваат извор на стрес.
Тие постојано се грижат да не ги повредат своите бенки, се со цел што е можно подобро да ги заштитат од било каква иритација. Стравот е постојан, при секое, чешлање, облекување, капење.
Овој претеран страв е неоправдан, и може само да наштети, бидејќи го слабее имунитетот, а со тоа го загрозува здравјето. Нема човек кој не слушнал некоја приказна околу бенките!
Да видиме што е мит а, што вистина?
1. Не чепкај бенка, ако ја повредиш може да стане малигна!
Погрешно! Повредата на бенката не води кон малигно заболување. Но, важно е секоја повредена бенка да се провери од дерматолог за да се исклучи меланом. Тој лесно крвари и при мала повреда, а често наликува на бенка.
2. Бенките се опасни, бидејќи ракот на кожа почнува од бенка!
Делумно точно-меланомот е единствениот и најреткиот рак на кожа кој може да се развие од бенка, за среќа само 1/3 од меланомите потекнуваат од претходна бенка.
3. Испакнатите бенки се опасни!
Погрешно! Повеќето се плашат токму од овие бенки, бидејќи тие се постојано поткачувани и повредувани поради својата испакнатост. Всушност се работи за обични дермални невуси кои не носат поголем ризик од останатите, рамни бенки.
4. Не вади бенка, ако ја отстраниш бенката ќе добиеш рак на кожа!
Напротив, ако бенката е сомнителна, нејзиното навремено отстранување може само да спречи поголем проблем!Отстранувањето на бенките е секогаш во целост и нема никаков ризик.
Ризично е само ако се остави сомнителна бенка, односно меланом, да расте и метастазира.
5. Ќе ги отстранам сите бенки и така нема да добијам рак на кожа!
Погрешно! Дури 2/3 од меланомите се развиваат на сосема чиста кожа, а не на претходна бенка.
6. Некои бенки смеат да се отстранат, а некои не!
Секоја бенка може да се отстрани. Затоа што дерматологот така препорачал, бидејќи бенката е сомнителна, или пак затоа што нам ни пречи и е естетски неприфатлива.
7. Секој може да отстрани бенка, дури и со домашни средства!
Никогаш не обидувајте се ова сами да го направите. Многу меланоми може да наликуваат на бенка, затоа секоја бенка пред отстранување, мора дермоскопски да се провери. Правилно отстранување е единствено со хируршка интервенција, и патохистолошка потврда.
8. Бенката се менува, ама ја имам цел живот, и не е испакната, не ме боли, не ме чеша, сигурно не е ништо страшно!
Не смееме да игнорираме било каква промена на бенките, веднаш побарајте дерматолог кој со дермоскопски преглед ќе утврди дали се работи за обична бенка или опасен рак на кожа. Доколку е неопходно отстранување, не одложувајте го!
Може да ве чини живот!
Значи, не паничете, но и не игнорирајте ги!
Еднаш годишно направете превентивен дермоскопски преглед на сите ваши бенки!
Самопреглед еднаш месечно, и ако забележите сомнителна бенка, подобро е да ја проверите кај стручно лице, наместо да верувате во митови!
клучни зборови : бенки, страв од бенки, отстранување на бенки, дали се опасни, не чепкај бенка, меланом, рак на кожа
