Dermanova - Logo Full

Кога треба да направите дермоскопски преглед и зошто?

Меланомот е најопасниот тип на кожен рак, рак со највисока смртност! Раното откривање е единствена гаранција за добар исход и дури комплетно излекување. Доколку се работи за површинско ширечки тип, во просек се потребни 3 до 5 години од неговата појава до поставување на дијагнозата. Зошто е потребно толку долго време за откривање на карцином кој се развива на орган кој е постојано пред нашите очи и достапен за преглед?

Секој меланом на почетокот од својот развој е симетричен, има униформна боја и е во ниво на кожа, мошне сличен на обична бенка. Во оваа фаза може да го откриеме само со помош на дермоскоп, кај лица кои доаѓаат на преглед кај дерматолог и без да забележат некаква промена на своите бенки, превентивно, еднаш во годината, прават таканаречен скрининг за рак на кожа!

Или при опортун скрининг, вие доаѓате поради некој друг кожен проблем, а дерматологот ви ги проверува бенките со дермоскоп!

Во оваа фаза шансите меланомот да е ин ситу, таканаречен 0 стадиум, кога се наоѓа во најповршниот слој од кожата, се најголеми и прогнозата е најдобра! Ова е најпосакуваната, најраната фаза за откривање на меланомот!

Еден дел од пациентите се јавуват на преглед дури кога ќе забележат некој од АБЦДЕ знаците, асиметрија, нерамни ивици, повеќе бои, дијаметар од 6 мм и еволуција! Во оваа фаза меланомот може да биде сеуште ин ситу, или во прв стадиум, со дебелина до 1 мм!

За жал, луѓето најчесто се јавуваат на преглед кога меланомот станал опиплив, или покажува  придружни симптоми, чеша, боли, крвари! Тоа сеуште може да биде само локален меланом со дебелина од 2 до 4 мм, или стадиум 2, но во оваа фаза меланомот навлегол подлабоко во кожата, каде што има крвни и лимфни садови, и преку нив може да се рашири во виталните органи, ризикот да метастазира е повисок, со што прогнозата се влошува!

Не дозволувајте меланомот да се развива пред вашите очи! Единствен карцином кој може да го видиме, а сепак замижуваме пред него!

Со само еден преглед може да спасиш живот – твојот или на некој што го сакаш.

Не ја одложувај проверката на бенките. Закажи дермоскопски преглед денес!

Најчести кожни проблеми во лето

Во летните месеци почесто се соочуваме со одредени кожни реакции/осипи и состојби како резултат на изменетите услови на средината, сончеви изгореници, фитофото дерматитис, осип од претоплување и слично. Причините се во високите температури, зголеменото потење, продолжениот престој на отворено, интензивното УВ зрачење како и престој во солени, слатки или хлорирани води за рекреација.

Изгореници од сонце

Изгореници од сонце

Појава на црвенило, печење, оток и болка неколку часа по изложеноста на УВ зраците се манифестација на изгореници од сонце.

Најважно е што поскоро да почнете со ладни облоги за да се намали воспалението (ладен туш, алое вера гел, кисело млеко), консумирајте многу течности и избегнувајте повторно изложување на сонце најмалку 3 дена.

Доколку црвенилото не се смирува а е пропратено со појава на меури неопходно е да побарате дерматолог за понатамошен третман.

Алергија на сонце

алергија од сонце

Вистинскиот назив е полиморфна светлосна ерупција, појава на осип најчесто на подлактиците, вратот и деколтето , кој се јавува секое лето при првото поинтензивно изложување на сонце. Кај секого се манифестира на различен начин, со појава на уртики, црвени точки или ситни брунчиња кои интензивно чешаат.

Употребата на антихистаминик, бета каротен и полиподиум леукотомос како подготовка пред заминување на одмор помага во намалување на симптомите и поскоро нормализирање на состојбата. Локално нанесување на смирувачки средства како алое вера гел, избегнување на времето со највисока инсолација и користење на специјални средства наменети за кожа склона кон алергија(меинерални филтри и додатоци за намалување на реактивноста на кожата) се неопходни.

Фитофото дерматитис

Фитофото/Берлок дерматитис

Популарно наречен маргарита дерматитис, главна состојка на овој коктел е сокот од лимон или сокот од друг цитрус кој во контакт со кожата што е изложена на сонце може да доведе до изгореници. Фотосензитизирачко соединение во лиметата наречено фурокумарин, се активира под влијание на ултравиолетова светлина (УВА), предизвикувајќи осип и печење во рок од неколку часа.

Слични реакции може да предизвикаат и други растенија кои содржат фурокумарини, како магдонос, целер, смоква, див бршлен. Затоа секогаш измијте ги рацете после работа со овие растенија, особено ако сте изложени на сонце.

Хиперпигментациие кои се појавуваат и по неколку денови од контактот (нема воспалителна реакција) се со чудни бизарни форми и траат и подолго време. Слични фототоксични реакции предизвикуваат и одредени есенцијални масла (Берлок дерматитис) кои ги има и во парфемите, затоа во летните месеци никогаш не ставајте го парфемот директно на кожа!

Милијарија или осип од претоплување

Милијарија/вруќички или осип од претоплување

Се јавува кога потта останува во порите и се акумулира под кожата. Ова е особено често кај бебињата, но може да се случи и на која било возраст, се појавуваат мали црвени брунчиња кои чешаат. За да го избегнете ова избегнувајте претоплување-престој под сенка или во климатизирани простории, не користете синтетичка туку памучна облека, не користете масни креми и млека за тело, туку лесни хидратантни креми и лосиони.

Убоди од инсекти

Топлите месеци се најпогодни за активноста на бројни инсекти-комарци, пајаци, муви, тавтабити и слично. Секогаш користете репеленти на откриените делови од телото, а перметрин на облеката, во просторот користете заштитни мрежи и електрични апарати кои ги одбиваат инсектите.

Во случај на убод, измијте го местото со сапун и вода, нанесете ладна облога, доколку имате пореактивна кожа, локален антихистаминик во форма на гел или од специјалните формулации за после убод од инсекти. Во случај на алергиски реакции, назначен оток или појава на болка и секундарна бактериска инфекција побарајте помош од дерматолог.

Питиријазис версиколор

Питириазис версиколор-површна кожна габична инфекција

Површна габична инфекција која е мошне честа во летните месеци. Се појавува во форма на кружни површини со различен промер на местата со најизразено потење, грбот, рамениците, вратот, под градите.

Овие промени се посветли или потемни од околната кожа, со дискретно перутање. Нема придружни симптоми, но е естетски неприфатливо, а промените во бојата на кожата се потенџираат по сончањето и може да перзистираат и по излекување на габичната инфекција. Обично се појавуваат кај лица кои консумиаат повеќе концентрирани шеќери.

Лекувањето се состои од антимикотичен шампон и крем, најмалку 2 недели, но потоа се продолжува со одредени хигиено диететски мерки кои се неопходни за превенција и спречување на повторна појава.

Фоликулитис

Воспаление околу поричките низ кои растат влакненцата на кожата. Може да биде предизвикано со депилација, бричење, престој во топла бања/сауна/џакузи, назначено потење, користење на нечисти лежалки, пешкири и слично. Осипот се јавува во форма на ситни точки кои се црвени, отечени или полни со гној и низ секоја од нив пробива влакненце.

Доколку антисептичкиот лосион не даде резултати неопходна е консултација со дерматолог за одредување на соодветна терапија, бидејќи фоликулитисот може да биде бактериски, микотичен или паразитарно условен.

Најчести митови за сончањето

Јас не се сончам, не ми треба СПФ! Сончање претставува секое изложување на сончевите зраци, без оглед на местото и времето. Најраспространетиот мит е тоа што луѓето сметаат дека само намерното изложување на сонце, обично на плажа и за време на летните одмори претставува сончање.

Јас користам СПФ ама само за време на летниот одмор! Затоа и посегаат по заштитните средства само за време на летните одмори што е сосема погрешно. Ефектот од сончевите зраци е кумулативен, што значи се собира, ние примаме далеку повисока доза на УВ зрачење додека ги извршуваме секојдневните обврски, отколку за време на краткиот летен одмор кој може да трае и само 7 дена!

Затоа секое изложување на сонце, подолго од 15 до 30 минути е сончање и треба да користиме заштитни средства. Тоа вклучува работа во градината, прошетки низ градот, пиење кафе со пријателите , одење на работа, возење велосипед итн.

Кожата ја памети секоја секунда незаштитена изложеност на сончевите зраци, а сметката за тоа ја плаќаме дури после 30 до 40 години, кога најчесто се развива рак на кожа, како резултат на напластување на оштетувањата на ниво на јадрото предизвикани од УВ зраците.

Кај нас нема толку сонце, не морам секој ден да користам СПФ! Бројот на сончевите денови во нашето поднебје е повеке од 240 дена во годината, значи преку целата година не само во текот на летото.

Зошто треба да го знам УВ индексот? УВ индексот е бројка која покажува колкав е интензитетот на УВ зрачењето, и во која мера може да и наштети на нашата кожа. Секој индекс над 3 бара употреба на средства за заштита од сонце, колку е повисок бара поголема заштита, вклучувајќи и заштитна облека и очила. За вредностите над 8 и посебни ограничувања и забрани за престој на отворено особено за чувствителните групи, децата, бремените жени, луѓето над 60 годишна возраст.

Облачно е, не ми треба СПФ! Облаците задржуваат само 20% од сончевите зраци, затоа користете СПФ и на облачно време.

Јас секогаш седам под сенка, не се сончам! Сенката задржува само 50% од УВ зраците, останатите 50% допираат до нас по пат на рефлексија од околните површини, затоа и кога сте под сенка користете заштита од сонце.

Јас никогаш не горам и затоа немам ризик од рак на кожа! Лицата со потемен тен потешко горат, а лесно потемнуваат и сметаат дека нема потреба од користење на СПФ. Сепак, дури и најтемниот тип на кожа може да изгори кога ќе се надмине прагот на заштитеност кој ни го обезбедуваат меланоцитите. Секако и ризикот за појава на карцином на кожа иако помал за разлика од светлите типови, сепак постои.

За мене веќе е доцна да користам СПФ! Повозрасните сметаат дека веќе е доцна да користат СПФ, бидејќи нивната кожа претрпела значително фотооштетување во младоста. Никогаш не е доцна да се почне со употреба на средства за заштита од сонце, со тоа го намалувате ризикот за појава на рак на кожа.

Доколку имам потемен тен нема да изгорам на сонце, одам во солариум! Потемнетиот тен нуди заштита од СПФ 5, што секако не е доволно. Никако не посегајте по солариумите за таканаречен подготвителен тен, не само што тенот нема да ве заштити од изгореници, туку ќе придонесе за побрзо стареење на вашата кожа и што е најстрашно ќе го зголеми вашиот ризик за добивање на рак на кожа за дури 75% . Солариумите користат концентрирана УВА инсолација која е рамна на УВ индекс 36, и доведува до драматична загуба на колагенот и еластинот, забрзано фотостареење, појава на пигментации и проширени капилари.

Јас се сончам без заштита за да добијам доволно витамин Д! Само 10 до 15 минути дневно неколку дена во неделата и изложеност на 15% од телото на сончевите зраци е доволно време вашата кожа да го синтетизира потребното количество на витамин Д без да изгори! Доколку и покрај тоа имате ниско ниво на Витамин Д разговарајте со вашиот доктор за суплементи! Претерана незаштитена експозиција на сонце, нема да го зголеми нивото на витамин Д, само вашиот ризик од изгореници и рак на кожа!

Додека сум во автомобил не ми е потребна крема со СПФ! Стаклото ги блокира само УВБ зраците одговорни за сончевите изгореници, но УВА непречено минуваат, а тие се главни виновници за стареење на кожата и потоа развој на рак на кожа. Затоа користете СПФ и кога сте во автомобил, ова е особено важно за професионалните возачи и луѓето кои поминуваат поголем дел од денот во автомобил!

Зпомнете, секојдневната употреба на средства со СПФ ве штити од сончеви изгореници, го забавува процесот на фотостареење на кожата и што е најважно го намалува ризикот за појава на рак на кожа за 50%!

Кои средства за заштита од сонце се најсоодветни за дечињата?

Мошне важно е дечињата под 6 месечна возраст воопшто да не се изложуваат на директна сончева светлина!!!

Нивната кожа е многу потенка од онаа на возрасните, само 1/5 и сеуште ја нема воспоставено својата функција. Изгореници на оваа возраст може да бидат и животозагрозувачки бидејќи ризикот од прегревање и губење на течности кај доенчињата е мошне висок и многу брзо настанува влошување на општата состојба! Од друга страна нанесување на било какво средство за заштита од сонце може да продре низ кожата чија бариерна заштитна функција не е сеуште воспоставена, и да доведе до иритации и бурни алергиски реакции! Затоа прошетките на отворено планирајте ги во утринските и вечерните часови, и секогаш заштитете го детето, нека биде во сенка, со облека со долги ракаавчиња и ногавички.

Над 6 месечна возраст само минерални филтри кои нудат заштита со комплетна рефлексија на УВ зраците без апсорпција и потенцијални нус ефекти. Нано формите со големина на честичките над 10 микрони се безбедни и не навлегуваат во крвната циркулација. Избегнувајте средства во форма на спреј  бидејки постои ризик од ингестија и нанесување на недоволна количина. Исто така избегнувајте средства кои содржат алкохол и во кои има додадено мириси.

Доколку не сте во можност редовно да реаплицирате од средството може да си набавите специјална облека која нуди сончева заштита, таканаречен УПФ фактор. Може да се најдат во продавниците за спортска облека и во голема мера им ја олеснуваат работата на родителите, а обезбедуваат сигурна заштита од сонцето.

Секако употребата на шапка, очила и избегнување на периодот од денот кога УВ индексот е највисок е од пресудно значење за безбедноста и здравјето на нашите најмили!

Како да изберете најсоодветно средство за заштита од сонце за вашето лице?

Заштитата од сонце, особено кога зборуваме за лицето кое секојдневно е изложено на УВ зраците, преку целата година, не само во тек на летото, мора да биде прилагодена на вашиот тип на кожа и специфичните потреби кое тоа ги носи.

На пример масните и комбинирани кожи, како и кожите склони кон акни, не трпат масни, густи креми, не само поради непријатното чувство, туку и ризикот од затварање на порите, поинтензивно потење и формирање акни. Затоа за овој тип на кожа секогаш советуваме средството за заштита од сонце да биде во форма на гел или флуид, со течна, немасна формула која веднаш се впива, не остава бела трага и делува себорегулирачки, има мат завршница.

Сувите кожи пак бараат погусти креми во кои има додадено богати емолиенти кои нема да дозволат пресушување на кожата под постојаните исушувачки ефекти на топлото време и интензивното УВ зрачење. Емолиенти и хидрирачки супстанци од типот на церамиди, ши путер, глицерин, сквален.

Лицата кои имаат одредена кожна проблематика од типот на розацеа, себореа, лупус, витилиго, или пак се на агресивна ексфолијативна локална терапија, се во групата на чувствителни кожи и неопходно е да бараат средство за заштита од сонце кое не содржи хемиски филтри, есенцијални масла, алкохол, парабени и додадени мириси. Сите овие супстанци можат да доведат до иритации и алергиски реакции. Барајте минерални филтри, и додадени смирувачки елементи од типот на алантоин, алое вера, овес, ниацинамид, бисаболол.

Постојат и таканаречени “anti aging” средства за заштита од сонце, иако секое од нив, со тоа што не штити од УВ зраците делува против стареењето на кожата. Кај нив има додадено антиоксидатни и хидрирачки компоненти од типот на витамин Е (токоферол), ниацинамид,хијалурон, ектоин, и слично.

Можеби најпотребна специфична заштита од сонце бараат лицата кои имаат хиперпигментации, мелазма. Кај нив сончевата заштитата е “conditio sine quа non” доколку само 1 зрак допре до веќе потемнетата кожа доаѓа до интензивирање на бојата. Овие средства треба да пружаат максимална заштита, по можност со минерални филтри или хибридни, и да содржат избелувачки додатоци(инхибитори на тирозиназа) кои ќе спречат понатамошно инензивирање на пигментот.

И многу важно треба да бидат тонирани, бидејќи железо оксидот ја штити кожата од сината светлина од мониторите која може да доведе до хиперпигментации или го потенцира веке потемнетиот дел од кожата. Овие средства не само што го стопираат интензивирањето на бојата туку и го корегираат и униформираат тенот со што се козметски уште поприфатливи.

За лицата кои биле долго време изложени на УВ зрачење, без соодветна заштита, особено на скалпот кај мажите, многу често гледаме формирање на црвени, рапави, петна, таканаречени актинични кератози кои претставуваат преканцерози. Преканцероза е промена која по извесен период може да се претвори во канцер, во случајов актиничните кератози во планоцелуларен карцином. Постојат специфични средства за заштита од сонце, кои во својот состав содржат активни состојки со интензивно анти инфламаторно и антикарциногено делување. Кај нив препорачуваме и употреба на никотинамид како суплементација бидејќи постојат студии кои го докажуваат нивното заштитно и превентивно делување.

Секое лице има потреба од секојдневна заштита од сонце, од минимум СПФ 30, преку целата година. Затоа изберете го она кое најмногу ви одговара и вметнете го во вашата дневна рутина!

Со тоа го забавувате процесот на стареење, го задржувате својот младешки изглед подолго и го намалувате ризикот за рак на кожа за 50 %!

Што значи СПФ и како правилно да го употребуваме?

СПФ е кратенка од “sun protection factor”но, реално може да го преведеме и како “SUNBURN protection factor” или уште подобро “SKIN CANCER protection factor” со цел луѓето полесно да ја сфатат нивната важност и редовно да ги употребуваат.

Главната причина поради која се измислени е да ни го продолжат престојот на сонце без да изгориме! Секоја кожа има свој праг на чувствителност на сончевите зраци, посветлите кожи можат да изгорат на сонце само после 10 минути незаштитен престој на отворено, додека потемните дури после 30 минути или повеќе. Бројката која стои до ознаката СПФ покажува за колку ни е продолжен тој престој, на пример СПФ 15, го продолжува престојот за 150 минути (15х10), 30 за 300 итн.

СПФ 15 блокира 93% од УВ зраците, СПФ 30 97% , а СПФ 50 98%, навидум незначителна разлика. Но гледано од аспект на бројот на фотони кои успеваат да продрат до нашата кожа би изгледало вака, кај СПФ 15 дури 7% кај СПФ 30 двојно помалку, само 3, а кај СПФ 50 уште помалку 2%. Продолженото време на заштита кое го нудат исто така е битно СПФ 15-150 мин. СПФ 30-300 мин. СПФ 50-500 мин.

За жал потребното количество од кремата кое го гарантира ова е 2мг на см2, што ретко кој го применува во реалниот живот. На пример за лицето и вратот ќе ви бидат потребни две линии од средството, ставете ги на показалецот и средниот прст и една по една нанесете на лицето и вратот. Постојат регии кои многу често се пропуштаат, не заборавајте ги-ушите, задната страна од вратот и зад ушите, дланките и стапалата. Исто така внимавајте на региите околу очите. усните и носот., тоа се всушност и местата каде подоцна го гледаме базалиомот, најчестиот вид на кожен рак. Бидејќи лесно може да дојде до иритација на овие од хемиските филтри во СПФ средствата, користете минерални филтри во форма на транспарентен стик.

Од друга страна стабилноста на сончевите филтри кои ја обезбедуваат таа заштита трае најмногу до 2 часа, поради што советуваме реапликација по истекот на тие 120 минути. Исто така после секој престој во вода, физичка активност или игри на песок, кога и механички се отстрануваат.

СПФ факторот е всушност квантифицирана заштита од УВБ зраците, кои предизвикуваат изгореници, видлив и непосреден штетен ефект чие спречување може да се измери.

За жал УВА зраците, кои се присутни во многу поголем процент немаат директен негативен ефект, туку доведуваат до суптилни оштетувања на ниво на клетката, кои стануваат видливи дури по неколку децении. Тие оштетувања се манифестираат во форма на предвремено, забрзано стареење на кожата и појава на кожни карциноми. Бидејќи тој ефект не може да го измериме, а со цел да се обезбеди заштита и од УВА зраците во секое средство за заштита од сонце, зашитните филтри од УВБ и УВА зраците да бидат присутни во размер 3 спроти 1. На средствата во Европа пишува дека нудaт заштита од широк спектар, УВБ и УВА, додека во Азија оваа заштита од УВА зраците е посебно квантифицирана како ПА ++++(највисока).

Ние дерматолозите секогаш препорачуваме максимум заштита, бидејќи со неправилната употреба, недоволното количество и ненаврементото реаплицирање реалната заштита е многу помала од онаа на амбалажатa.

Најважно е да изберете СПФ средство од минимум СПФ 30, со широк спектар на заштита од УВБ и УВА зраците и да е водоотпорно! Најдобро средство со СПФ е она кое го користите!

Запомнете, секојдневната употреба на средствата со СПФ ве штити од изгореници, го забавува процесот на стареење на вашата кожа и го намалува ризикот од појава на кожни карциноми за 50!

 

Најчестиот рак на кожа-базоцелуларен карцином

Постојат 3 типа на рак на кожа, најчестиот од нив е базоцелуларниот карцином или скратено базалиом. Причина за неговата појава е долготрајна незаштитена изложеност на УВ зраците. Бидејќи негативните ефекти од УВ зраците се акумулираат во тек на годините, ризикот за појава на базоцелуларниот карцином расте со возраста.

Одредени професии кои бараат продолжен престој на отворено исто така имаат повисок ризик-земјоделци, сточари, градежни работници, но и камермани, археолози, градежни инжинери, во последно време рекреативното спортување е се почесто на отворено-планинарење, трчање, возење велосипед, исто така и одредени хобија значат континуирана подолготрајна изложеност на сонце-градинарство, цвеќарство, рибарење, лов …

Најчесто се појавува во предел на откриените делови изложени на сонце, на прво место на лицето, горниот дел на грбот и деколтето. Постојат повеќе типови на базалиом, па така и презентацијата на кожата може да биде различна.

Нодуларниот тип е еден од најчестите форми на базоцелуларен карцином. Се манифестира како сјајно, розеникаво или лесно пигментирано брунче или јазолче, многу често во предел на лицето, на носот и околу носот.

Површинскиот тип е во форма на раничка која не заздравува подолго од месец дена, може да наликува на екцематична површина кога е безбоен или на потемно петно кога е пигментиран.

Најретко се јавува во форма на лузна на место каде претходно немало повреда, таканаречен морфеиформен или инфилтративен тип.

Базоцелуларниот карцином скоро и да нема способност за метастазирање (проширување во останатите органи), но тоа не го прави помалку опасен. Доколку не го откриеме навреме може да доведе до значителни оштетувања на кожата и околните ткива, мускулите па дури и коските, оставајќи значителни деформитети, особено на лицето каде е и најчест. Базоцелуларниот карцином има многу бавен раст, токму затоа може долго време да остане незабележан.

Мошне важно е било каква нова промена на лицето особено кај повозрасните, добро да се дијагностицира и доколку се утврди дека се работи за базалиом хируршки да се лекува. На тој начин можноста за негово некомплетно отстранување и повторна појава се сведува на минимум. Избегнувајте немедицински начини на терапија и нехируршки процедури.

Со редовна употреба на креми со заштитен фактор со СПФ 30, го забавувате процесот на стареење на кожата, и го намалувате ризикот за појава на кожни карциноми на половина.

Што е дермоскопија?

Дермоскопијата е понова, револуционерна дијагностичка процедура за рано откривање на меланомот и останатите кожни карциноми. Дермоскопот е рачен микроскоп кој ни овозможува увид во структурите 1 до 2 мм под површината на кожата, структури кои не се видливи со голо око ниту пак со лупа, обично зголемувачко стакло за полесна проценка на промените кои се наоѓаат на површината на кожата.

Прегледот со дермоскоп е брз и безболен, едноставно овој рачен микроскоп се поставува на површината на кожата и се набљудуваат дермоскопските структури. Само едуциран дерматолог може успешно да ја користи дермоскопијата за рана детекција на меланомот и останатите кожни тумори. Тоа подразбира дермоскопски курсеви и обуки за совладување на фасцинантната дермоскопска азбука, за правилна интерпретација на бројни специфични обрасци, кои што може да сугерираат малигна или бенигна природа.

Дермоскопскиот преглед има три можни исходи. Првиот кога се работи за 100% бенигна промена, нема потреба од дополнителни чекори. Вториот исход е кога се соочуваме со можна малигна промена, неопходна е хируршка ексцизија/биопсија со цел да се докаже или исклучи можна малигна болест.

Третиот исход е кога имаме сомнителна промена која нема доволно елементи за да биде прогласена за малигна ниту пак сме 100% сигурни во нејзината бенигност, тогаш се изведува дигитална дермоскопија. Со помош на дигитален апарат сликата која ја гледаме преку дермоскопот ја пренесуваме на компјутер и ја зачувуваме. Потоа следи набљудување и анализа на дермоскопските структури со можност и за многукратно зголемување, со што и најситните детали стануваат јасно видливи.

Дигиталната дермоскопија ни помага во откривање на поретки и нетипични форми на малигни тумори, кои доколку се анализираат само со проста дермоскопија би можело да се пропуштат.

Исто така таа ни овозможува и секвенционирано следење на сомнителни промени, евалуација и следење на бенките кај лица кои имаат повеќе од 50 бенки, mole mapping-документирање на локацијата, големината, формата, бојата на сите бенки, нивно следење на одредени временски интервали со споредување на дигиталните фотографии, што е мошне значајно во откривањето на бавно растечките и меланомите со недоволно развиени знаци на малигнитет.

Следење на бенките со дигитална дермоскопија е неопходно и кај лицата кои веќе отстраниле меланом (ризикот за појава на втор меланом оди до 12% особено во првите 2 години по интервенцијата). Во ризични групи кои би имале најголем бенефит од секвенционирано дигитално следење се оние со историја на сончеви изгореници, корисници на солариум, лица со посветол тен, руса или црвена коса и лица на имуносупресивна терапија поради трансплантирани органи.

Дермоскопскиот преглед ги има сите атрибути на одличен тест- прецизност, никакви споредни ефекти, брзо се изведува, безболен е, не бара посебна подготовка, таргетира заболување кое доколку се остави нелекувано е животозагрозувачко, но со раното откривање може ефикасно да биде третирано и излекувано.

Прегледот со дермоскоп секогаш треба да ја опфати целата кожа, бидејќи доколку не се направи комплетен преглед постои статистика која вели 1 кожен карцином ќе биде пропуштен на секои 50 пациенти, а 1 меланом на секои 400 пациенти.

Кај дури 60% од пациентите со меланом не е откриен ниту еден ризик фактор. Меланомот е подмолен тип на рак кој може да се јави на било која возраст, не е резервиран само за постарите, го гледаме кај секој тип на кожа, дури и онаа што не гори на сонце, може да се појави на било кој дел од кожата, не само на откриените делови, може да биде со темна боја но, и сосема безбоен, во ниво на кожата или издигнат.

Затоа, секој човек треба еднаш во годината да направи ваков превентивен преглед, таканаречен скрининг за рак на кожа, бидејќи само раното откривање гарантира позитивен исход и дури и комплетно излекување.

Колку се штетни солариумите?

Кога зборуваме за штетното влијание на УВ зраците не смееме да заборавиме дека покрај сонцето постојат и таканаречени вештачки извори на УВ зраци, тоа се солариумите, чија употреба доживеа бум во 80 тите, особено во земјите со помалку сончеви денови но исто така и во останатите потопли краишта поради атратктивноста на исончаниот тен. За жал тие се една од главните причини за драматичниот раст во инциденцата на меланомот и спуштањето на возрасната граница.

До 2000 година дури 60% од населението во Северна Европа на возраст од 15 до 29 години има користено солариум барем еднаш. Статистиката за инциденцата во Норвешка почнува со 2 случаи на 100.000 жители во 1953 г. За да заврши со дури 22 во 2013г.

Според публикацијата за ризикот по јавното здравје кој го носат солариумите, Public health interventions to manage sunbeds издадена од страна на СЗО во септември 2017г. ризикот за меланом се зголемува со пониската возраст при првата употреба како и со должината на користење во текот на животот. Така оние кои само еднаш користеле солариум имаат 20% поголеми шанси да развијат меланом од останатата популација , доколку го направиле тоа пред 35тата година од животот ризикот се зголемува на 75%.

Се смета дека токму култот кон исончаниот тен и солариумскиот бум во 80 тите е виновен за фактот што сега најчест карцином кај жените помеѓу 15 и 29 год. е меланомот, како и водечка причина за смртност во оваа возрасна група. Дури и најретката форма на окуларен меланом е почеста кај лица кои користеле солариум пред 20 тата година од животот.

Неколку минути во солариум ве изложува на интензивна УВ радијација која е три пати посилна од пладневното летно сонце и одговара на УВ индекс 36. Покрај ризикот за меланом, солариумите го зголемуваат ризикот и за другите немеланомски карциноми, базоцелуларен и сквамоцелуларен.

Фотостареењето е исто така неминовно, уништените колагени и еластични влакна, доведуваат до опуштеност на кожата , брчки, пигментации, проширени капилари, зголемена фрагилност и ослабена моќ за заздравување на кожата.

Одењето на солариум нема да ја подготви вашата кожа за летните одмори, потемнетиот тен нуди само СПФ заштита од 3, што е далеку од минималната ефективна заштита од 30, и не ве штити од изгореници.

Од сите овие причини повеќе од јасно е зошто земјата со најголема инциденца на меланом како Австралија има донесено законска регулатива за комплетна забрана на употребата на солариумите. Истото го има направено и Бразил. Многу европски земји имаат воведено строга легислатива околу употребата на солариумите- забрана за користење за лица под 18 години, забранет маркетинг, издавање на посебни лиценци со строго одредени правила на работа и обука на персоналот, задолжителни потпишување на согласност од страна на клиентот дека е информиран за штетните ефекти по здравјетои тоа го прави на сопствен ризик, посебни етикети на самиот апарат дека се работи заздравствен хазард(како на цигарите), дополнителни оданочувања итн.

Сонцето може да биде и штетно!

Излложеност на сончевите зраци претставува ризик по здравјето. Продолжената УВ радијација е докажана причина за карциномите на кожа. УВ зраците се класифицирани во група 1 карциногени фактори, заедно со цигарите и плутониумот!

Глобалните климатски фактори, озонската дупка, загадувањето на воздухот се фактори кои доведоа до драстично зголемување на количеството на УВ зраци на кои сме секојдневно изложени.

Сончевите  зраци се составени од УВА и УВБ зраци, првите завршуваат во најгорниот слој на кожата и се одговорни за појава на изгореници, а УВА се оние кои пенетрираат во подлабоките слоеви и доведуваат до ДНК мутации во јадрата на клеткоте, фотостареење и имуносупресија. Организмот поседува репаративни механизми кои ги поправаат овие штети но со тек на времето тие се трошат и слабеат така што во одреден момент оштететните клетки започнуваат неконтролирано да се делат, стануваат малигни клетки, и доаѓа до појава на рак на кожа.

Внимавајте, УВ зраците продираат низ облаците до 80%, стаклото од прозорците ги пропушта УВА зраците, УВ индексот индексот го означува интензитетот на УВ зрачењето што допира до земјата, и е највисок помеѓу 12 и 16 часот, налага соодветна заштита веќе од УВ индекс 3.

 Интермитентно, интензивно сончање, како и сончеви изгореници особено во раното детство го зголемува ризикот за појава на меланом., додека пак кумулативното, продолжено прекумерно изложување на сончевите зраци е одговорно за појава на немеланомските кожни карциноми, базоцелуларен карцином(БЦЦ) и сквамоцелуларен карцином(СЦЦ).