Dermanova - Logo Full

Како да се заштитиме од штетните ефекти на сончевите зраци?

Однесувајте се паметно под сонцето!

УВ радијацијата е единствен ризик фактор за меланом и кожни карциноми на кој може да делуваме. Секогаш избегнувајте да се движите подолго на отворено во периодот на најинтензивна инсолација, помеѓу 11 и 16 часот, почитувајте го правилото на сенката-секогаш кога сенката е помала од вас. Покривајте што е можно поголем дел од телото со облека која треба да биде широка, во потемни бои и од густо ткаен меатеријал, непрозрачна и сува (мократа облека е потранспарентна од од сувата-митот за мократа бела маичка е срушен! Шапка со широк обод кој ги штити и вратот и ушите, очила со УВ филтри кои блокираат 100% од УВА и УВБ зраците, имаат ознака ЦЕ или УВ 400.

Секако кремите со заштитен фактор се незаменливи во заштита од УВ зраците. Треба да се користат континуирано преку целата година, не само при намерното сончање за време на летните одмори туку и при секоја подолга изложеност на сончевата светлина, при работа во градината, спортување на отворено, прошетка низ градот, возење во автомобил, седење покрај прозорец (стаклото ги блокира само УВБ зраците), планинарење.

Поради големата количина која треба да се аплицира 2мг на см2, секогаш користете повисок СПФ, барем 30 и реаплицирајте на секои 2 часа. Заштитната функција на овие креми се должи на два вида на филтри, минерални и хемиски.

Минералните(цинк и ттитаниум диоксид) ги рефлектираат, одбиваат сончевите зраци од површината на кожата и служат како еден вид механички блок или штит и даваат максимална заштита со најмалку интерреакции во кожата и без апсорпција на сончевите зраци. Ги блокираат и УВА и УВБ зраците.Се препорачуваат за децата и оние лица кои имаат чувствителна кожа или веќе постоечко кожно заболување со нагласена осетливост на УВ зраците (витилиго, лупус, розацеа…). Нивната слаба страна е лошиот козметски ефект, оставањето на бела трага што во поновите формулации е надминато со микронизирање на партиклите до строго одредена големина, минимум 100нм, со цел да се спречи нивна апсорпција во циркулацијата.

Хемиските филтри пак се бројни лабораториски синтетизирани супстанции кои ги апсорбираат сончевите зраци со што доаќа до извесна реакција во кожата и генерирање на топлина. Треба да се нанесат половина час пред излегување на сонце, козметски се многу поприфатливи и ги има во разни формулации прилагодени за сите типови на кожа Бидејќи некои од хемиските филтри нудат заштита само од УВБ зраците најчесто се комбинирани со физичките(минерални)филтри и со тоа добиваме SPF broad spectrum, UVB UVA.

Средствата кои се означени со waterproof, waterresistent  обезбедуваат заштита во вода до мајмногу 40 минути. Не постои крема со СПФ која нуди 100% заштита и може да се нанесува само еднаш во денот.

Затоа секогаш комбинирајте ги заштитните креми со другите мерки на заштита, облека, очила, шапка, следете го УВ индексот и правилото на сенлката.

Доколку редовно ги практикувата овие sun smart мерки го забавувата процесот на стареење на кожата(фотостареење) и го намалувате ризикот за појава на карцином на кожата за дури 50%.

Како се лекува егзема/атопичен дерматит?

Атопичниот дерматит (егзема) е хронично заболување на кожата, што значи има периоди на подобрување и влошување на клиничката слика.

Само  дерматологот може да ја одреди најсоодветната терапија за пациентот која ќе биде прилагодена на моменталната состојба на кожата. Примената на кортикостероиди за локална употреба(лекови во форма на крема, маст, лосион) често знае да ги заплаши родителите, па во некои случаи тие дури одбиваат да го подложат своето дете на оваа терапија.

Кортикостероидните креми и масти се лек на избор за атопичниот дерматит и со нивна правилна употреба нема место за загриженост.  Дерматологот  точно знае во која регија, кај која возрасна група каков тип на кортикостероид  да примени и колку долго.

Со правилна употреба на овие препарати доѓа до брзо смирување на кожата без никакви споредни ефекти. Земањето на терапија на своја рака носи поголеми ризици  и ја попречува работата на дерматологот. Многу често родителите посегаат сами по кортикостероидни креми и ги употребуваат премногу кратко, ден, два, а потоа за кратко време промените на кожата се враќаат, повторно ден, два и така во круг. Ова води само до неуспешна контрола на атопијата, и можна појава на нус ефекти од неправилно спроведена терапија.

По смирувањето на воспалението, повлекување на црвенилото, осипот, чешањето, сувоста, терапијата постепено се намалува и се продолжува  со нанесување на емолиенти онолку често колку што е потребно.

За време на терапијата не престануваме со употреба на емолиенти!

Постојат и понови лекови кои не се кортикостероиди, а го имаат истиот ефект. Овие лекови најчесто ги применуваме кај потешки форми на атопичен дерматит или во регии каде кожата е потенка, почувствителна и каде кортикостероидна терапија треба да се избегнува. Тоа се региите како лицето, особено околу очите, потоа под пазувите, препоните и гениталната регија.