Dermanova - Logo Full

Најчести митови за сончањето

Јас не се сончам, не ми треба СПФ! Сончање претставува секое изложување на сончевите зраци, без оглед на местото и времето. Најраспространетиот мит е тоа што луѓето сметаат дека само намерното изложување на сонце, обично на плажа и за време на летните одмори претставува сончање.

Јас користам СПФ ама само за време на летниот одмор! Затоа и посегаат по заштитните средства само за време на летните одмори што е сосема погрешно. Ефектот од сончевите зраци е кумулативен, што значи се собира, ние примаме далеку повисока доза на УВ зрачење додека ги извршуваме секојдневните обврски, отколку за време на краткиот летен одмор кој може да трае и само 7 дена!

Затоа секое изложување на сонце, подолго од 15 до 30 минути е сончање и треба да користиме заштитни средства. Тоа вклучува работа во градината, прошетки низ градот, пиење кафе со пријателите , одење на работа, возење велосипед итн.

Кожата ја памети секоја секунда незаштитена изложеност на сончевите зраци, а сметката за тоа ја плаќаме дури после 30 до 40 години, кога најчесто се развива рак на кожа, како резултат на напластување на оштетувањата на ниво на јадрото предизвикани од УВ зраците.

Кај нас нема толку сонце, не морам секој ден да користам СПФ! Бројот на сончевите денови во нашето поднебје е повеке од 240 дена во годината, значи преку целата година не само во текот на летото.

Зошто треба да го знам УВ индексот? УВ индексот е бројка која покажува колкав е интензитетот на УВ зрачењето, и во која мера може да и наштети на нашата кожа. Секој индекс над 3 бара употреба на средства за заштита од сонце, колку е повисок бара поголема заштита, вклучувајќи и заштитна облека и очила. За вредностите над 8 и посебни ограничувања и забрани за престој на отворено особено за чувствителните групи, децата, бремените жени, луѓето над 60 годишна возраст.

Облачно е, не ми треба СПФ! Облаците задржуваат само 20% од сончевите зраци, затоа користете СПФ и на облачно време.

Јас секогаш седам под сенка, не се сончам! Сенката задржува само 50% од УВ зраците, останатите 50% допираат до нас по пат на рефлексија од околните површини, затоа и кога сте под сенка користете заштита од сонце.

Јас никогаш не горам и затоа немам ризик од рак на кожа! Лицата со потемен тен потешко горат, а лесно потемнуваат и сметаат дека нема потреба од користење на СПФ. Сепак, дури и најтемниот тип на кожа може да изгори кога ќе се надмине прагот на заштитеност кој ни го обезбедуваат меланоцитите. Секако и ризикот за појава на карцином на кожа иако помал за разлика од светлите типови, сепак постои.

За мене веќе е доцна да користам СПФ! Повозрасните сметаат дека веќе е доцна да користат СПФ, бидејќи нивната кожа претрпела значително фотооштетување во младоста. Никогаш не е доцна да се почне со употреба на средства за заштита од сонце, со тоа го намалувате ризикот за појава на рак на кожа.

Доколку имам потемен тен нема да изгорам на сонце, одам во солариум! Потемнетиот тен нуди заштита од СПФ 5, што секако не е доволно. Никако не посегајте по солариумите за таканаречен подготвителен тен, не само што тенот нема да ве заштити од изгореници, туку ќе придонесе за побрзо стареење на вашата кожа и што е најстрашно ќе го зголеми вашиот ризик за добивање на рак на кожа за дури 75% . Солариумите користат концентрирана УВА инсолација која е рамна на УВ индекс 36, и доведува до драматична загуба на колагенот и еластинот, забрзано фотостареење, појава на пигментации и проширени капилари.

Јас се сончам без заштита за да добијам доволно витамин Д! Само 10 до 15 минути дневно неколку дена во неделата и изложеност на 15% од телото на сончевите зраци е доволно време вашата кожа да го синтетизира потребното количество на витамин Д без да изгори! Доколку и покрај тоа имате ниско ниво на Витамин Д разговарајте со вашиот доктор за суплементи! Претерана незаштитена експозиција на сонце, нема да го зголеми нивото на витамин Д, само вашиот ризик од изгореници и рак на кожа!

Додека сум во автомобил не ми е потребна крема со СПФ! Стаклото ги блокира само УВБ зраците одговорни за сончевите изгореници, но УВА непречено минуваат, а тие се главни виновници за стареење на кожата и потоа развој на рак на кожа. Затоа користете СПФ и кога сте во автомобил, ова е особено важно за професионалните возачи и луѓето кои поминуваат поголем дел од денот во автомобил!

Зпомнете, секојдневната употреба на средства со СПФ ве штити од сончеви изгореници, го забавува процесот на фотостареење на кожата и што е најважно го намалува ризикот за појава на рак на кожа за 50%!

Share This :

Recent Posts