Во летните месеци почесто се соочуваме со одредени кожни реакции/осипи и состојби како резултат на изменетите услови на средината, сончеви изгореници, фитофото дерматитис, осип од претоплување и слично. Причините се во високите температури, зголеменото потење, продолжениот престој на отворено, интензивното УВ зрачење како и престој во солени, слатки или хлорирани води за рекреација.
Изгореници од сонце
Појава на црвенило, печење, оток и болка неколку часа по изложеноста на УВ зраците се манифестација на изгореници од сонце.
Најважно е што поскоро да почнете со ладни облоги за да се намали воспалението (ладен туш, алое вера гел, кисело млеко), консумирајте многу течности и избегнувајте повторно изложување на сонце најмалку 3 дена.
Доколку црвенилото не се смирува а е пропратено со појава на меури неопходно е да побарате дерматолог за понатамошен третман.
Алергија на сонце
Вистинскиот назив е полиморфна светлосна ерупција, појава на осип најчесто на подлактиците, вратот и деколтето , кој се јавува секое лето при првото поинтензивно изложување на сонце. Кај секого се манифестира на различен начин, со појава на уртики, црвени точки или ситни брунчиња кои интензивно чешаат.
Употребата на антихистаминик, бета каротен и полиподиум леукотомос како подготовка пред заминување на одмор помага во намалување на симптомите и поскоро нормализирање на состојбата. Локално нанесување на смирувачки средства како алое вера гел, избегнување на времето со највисока инсолација и користење на специјални средства наменети за кожа склона кон алергија(меинерални филтри и додатоци за намалување на реактивноста на кожата) се неопходни.
Фитофото дерматитис
Популарно наречен маргарита дерматитис, главна состојка на овој коктел е сокот од лимон или сокот од друг цитрус кој во контакт со кожата што е изложена на сонце може да доведе до изгореници. Фотосензитизирачко соединение во лиметата наречено фурокумарин, се активира под влијание на ултравиолетова светлина (УВА), предизвикувајќи осип и печење во рок од неколку часа.
Слични реакции може да предизвикаат и други растенија кои содржат фурокумарини, како магдонос, целер, смоква, див бршлен. Затоа секогаш измијте ги рацете после работа со овие растенија, особено ако сте изложени на сонце.
Хиперпигментациие кои се појавуваат и по неколку денови од контактот (нема воспалителна реакција) се со чудни бизарни форми и траат и подолго време. Слични фототоксични реакции предизвикуваат и одредени есенцијални масла (Берлок дерматитис) кои ги има и во парфемите, затоа во летните месеци никогаш не ставајте го парфемот директно на кожа!
Милијарија или осип од претоплување
Се јавува кога потта останува во порите и се акумулира под кожата. Ова е особено често кај бебињата, но може да се случи и на која било возраст, се појавуваат мали црвени брунчиња кои чешаат. За да го избегнете ова избегнувајте претоплување-престој под сенка или во климатизирани простории, не користете синтетичка туку памучна облека, не користете масни креми и млека за тело, туку лесни хидратантни креми и лосиони.
Убоди од инсекти
Топлите месеци се најпогодни за активноста на бројни инсекти-комарци, пајаци, муви, тавтабити и слично. Секогаш користете репеленти на откриените делови од телото, а перметрин на облеката, во просторот користете заштитни мрежи и електрични апарати кои ги одбиваат инсектите.
Во случај на убод, измијте го местото со сапун и вода, нанесете ладна облога, доколку имате пореактивна кожа, локален антихистаминик во форма на гел или од специјалните формулации за после убод од инсекти. Во случај на алергиски реакции, назначен оток или појава на болка и секундарна бактериска инфекција побарајте помош од дерматолог.
Питиријазис версиколор
Површна габична инфекција која е мошне честа во летните месеци. Се појавува во форма на кружни површини со различен промер на местата со најизразено потење, грбот, рамениците, вратот, под градите.
Овие промени се посветли или потемни од околната кожа, со дискретно перутање. Нема придружни симптоми, но е естетски неприфатливо, а промените во бојата на кожата се потенџираат по сончањето и може да перзистираат и по излекување на габичната инфекција. Обично се појавуваат кај лица кои консумиаат повеќе концентрирани шеќери.
Лекувањето се состои од антимикотичен шампон и крем, најмалку 2 недели, но потоа се продолжува со одредени хигиено диететски мерки кои се неопходни за превенција и спречување на повторна појава.
Фоликулитис
Воспаление околу поричките низ кои растат влакненцата на кожата. Може да биде предизвикано со депилација, бричење, престој во топла бања/сауна/џакузи, назначено потење, користење на нечисти лежалки, пешкири и слично. Осипот се јавува во форма на ситни точки кои се црвени, отечени или полни со гној и низ секоја од нив пробива влакненце.
Доколку антисептичкиот лосион не даде резултати неопходна е консултација со дерматолог за одредување на соодветна терапија, бидејќи фоликулитисот може да биде бактериски, микотичен или паразитарно условен.