Dermanova - Logo Full

Сонцето може да биде и штетно!

Излложеност на сончевите зраци претставува ризик по здравјето. Продолжената УВ радијација е докажана причина за карциномите на кожа. УВ зраците се класифицирани во група 1 карциногени фактори, заедно со цигарите и плутониумот!

Глобалните климатски фактори, озонската дупка, загадувањето на воздухот се фактори кои доведоа до драстично зголемување на количеството на УВ зраци на кои сме секојдневно изложени.

Сончевите  зраци се составени од УВА и УВБ зраци, првите завршуваат во најгорниот слој на кожата и се одговорни за појава на изгореници, а УВА се оние кои пенетрираат во подлабоките слоеви и доведуваат до ДНК мутации во јадрата на клеткоте, фотостареење и имуносупресија. Организмот поседува репаративни механизми кои ги поправаат овие штети но со тек на времето тие се трошат и слабеат така што во одреден момент оштететните клетки започнуваат неконтролирано да се делат, стануваат малигни клетки, и доаѓа до појава на рак на кожа.

Внимавајте, УВ зраците продираат низ облаците до 80%, стаклото од прозорците ги пропушта УВА зраците, УВ индексот индексот го означува интензитетот на УВ зрачењето што допира до земјата, и е највисок помеѓу 12 и 16 часот, налага соодветна заштита веќе од УВ индекс 3.

 Интермитентно, интензивно сончање, како и сончеви изгореници особено во раното детство го зголемува ризикот за појава на меланом., додека пак кумулативното, продолжено прекумерно изложување на сончевите зраци е одговорно за појава на немеланомските кожни карциноми, базоцелуларен карцином(БЦЦ) и сквамоцелуларен карцином(СЦЦ).

Обична бенка или МЕЛАНОМ – Рак на кожа?

Меланомот е најретка но, најопасна форма на кожен рак, тој е најагресивен од сите малигни заболувања и има највисок ризик од смртен исход!

Секој може да биде жртва на меланомот! Добрата вест е дека овој подмолен убиец можете и сами да го откриете. Клучот е во вашите бенки! Секој возрасен човек  има најмалку 10 до 50 бенки кои се   појавуваат од раѓање па најдоцна до 45 година.

Меланомот  на почеток од својот развој може да наликува на бенка. Затоа ги следиме бенките, за да може навреме да го откриеме меѓу сите тие бенигни промени. Тоа го правиме со самопреглед на кожата, најдобро еднаш во месецот,  со огледало или помош од најблиските. Сите бенки кај еден човек си наликуваат една на друга, имаат сличен облик,правилна форма и слична боја, обично светло или темно кафена.

Доколку забележите бенка која е сосема различна од другите, таканаречено грдо пајче, која има неправилна форма, нерамни ивици, повеќе од две бои, и покажува раст ВЕДНАШ јавете се на преглед кај дерматолог кој практикува дермоскопија.

Тој ќе направи проверка на целата кожа, на сите бенки  со помош на дермоскоп, еден вид на рачен микроскоп. Прегледот е  безболен, не трае многу долго,  не носи никаков ризик по здравјето.и  не бара претходна подготовка, а ни овозможува скоро 100% точност во дијагнозата.

Секој возрасен треба еднаш  во годината да направи ваков преглед, тн скрининг за рак на кожа,превентивен преглед како што правиме и за рано откривање на рак на дојка, рак на простата, рак на бели дробови итн. Ако се открие во рана фаза, лекувањето се состои само од амбулантна хируршка интервенција во локална анестезија и има до 97%успешност-што е скоро рамно на излекување.

Многу често слушаме од пациентите- не е ништо, не ме боли, не ме чеша, не крвари значи не е опасно, само на кожата е!  Не чекајте  да развиете симптоми за да дојдете на преглед, меланомот на кожата не е само проблем на кожата, доколку го оставите, по логиката на не чепкај бенка, тој ќе  метастазира како и секој друг карцином-ќе се прошири во лимфните јазли и  внатрешните органи и ќе го загрози вашиот живот!.

Запомнете неколку мошне важни работи за меланомот:

– може да се јави на било кој дел од вашата кожа, не само на откриените делови изложени на сонце( на стапалата, меѓу прстите, под косата, под ноктите)

– изгорениците од сонце се главна причина, заедно со генетиката

– една потешка изгореница од сонце двојно поголем  ризик за меланом

– дури и само 1 посета на солариум  75% поголем ризик

– може  да се јави на било која возраст, не е болест само на постарите,тој е најчеста причина за смрт кај лица под 30г.возраст, особено жени

– може да се јави и кај потемните кожи кои не горат на сонце

– со секојдневна употреба на заштита од сонце,  го успорувате процесот на стареење на кожата и  го намалувате ризикот за појава на рак на кожа за 50%

Меланомот е единствен рак кој може да го видиме, единствен рак кој може да го спречиме, рак кој може и комплетно да се излекува само доколку рано се открие!

Затоа, доколку забележите нова промена на вашата кожа, која не наликува на останатите, расте и се менува, ВЕДНАШ закажете дермоскопски преглед, може да ви го спаси животот!

Како се лекува егзема/атопичен дерматит?

Атопичниот дерматит (егзема) е хронично заболување на кожата, што значи има периоди на подобрување и влошување на клиничката слика.

Само  дерматологот може да ја одреди најсоодветната терапија за пациентот која ќе биде прилагодена на моменталната состојба на кожата. Примената на кортикостероиди за локална употреба(лекови во форма на крема, маст, лосион) често знае да ги заплаши родителите, па во некои случаи тие дури одбиваат да го подложат своето дете на оваа терапија.

Кортикостероидните креми и масти се лек на избор за атопичниот дерматит и со нивна правилна употреба нема место за загриженост.  Дерматологот  точно знае во која регија, кај која возрасна група каков тип на кортикостероид  да примени и колку долго.

Со правилна употреба на овие препарати доѓа до брзо смирување на кожата без никакви споредни ефекти. Земањето на терапија на своја рака носи поголеми ризици  и ја попречува работата на дерматологот. Многу често родителите посегаат сами по кортикостероидни креми и ги употребуваат премногу кратко, ден, два, а потоа за кратко време промените на кожата се враќаат, повторно ден, два и така во круг. Ова води само до неуспешна контрола на атопијата, и можна појава на нус ефекти од неправилно спроведена терапија.

По смирувањето на воспалението, повлекување на црвенилото, осипот, чешањето, сувоста, терапијата постепено се намалува и се продолжува  со нанесување на емолиенти онолку често колку што е потребно.

За време на терапијата не престануваме со употреба на емолиенти!

Постојат и понови лекови кои не се кортикостероиди, а го имаат истиот ефект. Овие лекови најчесто ги применуваме кај потешки форми на атопичен дерматит или во регии каде кожата е потенка, почувствителна и каде кортикостероидна терапија треба да се избегнува. Тоа се региите како лицето, особено околу очите, потоа под пазувите, препоните и гениталната регија.

Што се емолиенти?

ЕМОЛИЕНТИ – разни видови на креми, масти или лосиони кои ја навлажнуваат и омастуваат кожата со што и ја враќаат нејзината заштитна хидролипидна бариера и не дозволуваат кожата да се исуши. На тој начин го спречуваат  чешањето и влошувањето на атопичниот дерматит.

Емолиентите треба да се нанесуваат онолку често колку што бара кожата (2-3-5 пати) без ограничувања. Мастите обично се нанесуваат навечер, а кремите преку ден. Исто така и сезоната бара различни емолиенти, погусти и помасни во зима, а лосиони и млека во лето. Треба да се користат секојдневно, дури и кога кожата изгледа добро, што е најчестата грешка која ја прават пациентите.

Емолиенти се користат  инкорпорирани и во средствата за туширање во форма на маслени купки. По туширањето  кожата треба нежно да се утапка, никако да се трие, и додека е сеуште влажна да се премачка со емолиент.

Постојат повеќе производи наменети за атопична кожа, генерално без конзерванси и адитиви, со различна комбинација на масти и средства за хидратација, како глицерин, уреа, линоленска киселина, парафин, церамиди во различен сооднос.

Самиот пациент, во соработка со дерматологот, ќе го избере она средство што  највеќе ќе му одговара.

Што може да ја влоши вашата егзема?

  ТРИГЕРИ се фактори на околината кои доведуваат до влошување на состојбата кај егзема, атопичниот дерматитис. Тригери може да има во воздухот што го вдишуваме, во храната што ја консумираме или пак во материјалите кои доаѓаат во директен допир со кожата

-куќна прашина, дерматофагоидес-Намалете ги површините во детската соба кои собираат прашина(завеси, теписи, теписони, мебел) Користете антиалергиски душеци и памучна постелина, или редовно чистете го душекот со специјални машини.

– полени-избегнувајте прошетки на отворено кога цветаат липите, кога има глуварчиња, кога се коси тревата

-храна (кравјо млеко, јајца, кикиритки, јаткасти плодови, риба)-не ги воведувајте овие производи кај доенчето пред да наврши 12 месеци, а потоа постепено и со водење дневник за исхрана, со цел полесно идентификување на храната која довела до осип или само црвенило околу устата. Обрнете внимание на составот на храната, многу често овие алергени се присутни во траги кај некои производи , но доволно да предизвикаат реакција

-мувли-одржувајте беспрекорна хигиена во домот, редовно проветрување, а доколку е потребно користете и апсорбери на влага, со цел да спречите развој на мувла

-влакна од куче или маче

-облека-носете памучна облека блиску до телото, никако волна или синтетика, груби ткаенини, не користете силни детергенти и омекнувачи, секогаш употребувајте дополнително плакнење со цел комплетно отстранување на детергентите од облеката

-не се претоплувајте, избегнувајте премногу топло или пак премного студено

-користете навлажнувач на воздухот во домот (и лете и зиме)

-стрес-стресот е исто така тригер фактор кој доведува до влошување на симптомите на атопичниот дерматит, кај помалите деца тоа може да биде поаѓање во градинка, одвојување од мајката, раѓање на братче или сестриче, поаѓање во училиште. Разговарајте со своето дете, слушнете ги неговите прашања, желби, очекувања, подгответе го за овие големи промени во неговиот живот

Практични совети за пациентите со егзема

 ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ИРИТАНСИ ВО СЕКОЈДНЕВНАТА НЕГА

Сапуни, детергенти, купки-ја пресушуваат кожата и ја прават склона на иритации. Затоа:

  1. Избегнувајте секојдневно капење
  2. Капењето да не е подолго од 10 мин
  3. Температурата на водата до 36 степени
  4. Средствата за капење да бидат специјално наменети за атопична кожа, масла и синдети, без парфеми и додатоци
  5. Веднаш по капењето истапкајте со мек пешкир, без триење
  6. Нанесете емолиент веднаш по тапкањето
  7. Емолиентот да е погуст во зима и поводест во лето
  8. Ако кожата е премногу сува и чеша можете да нанесувате емолиенти и повеќе пати преку денот, и не само после капење
  9. Изберете го вистинскиот емолиент со помош на вашиот дерматолог
  10. Научете го детето да ужива во негата за својата кожа

Седум С – Фактори кои водат до предвремено стареење на кожата

Кожата е нашиот најголем орган кој е во директна интеракција и изложен на бројни негативни влијанија на средината. Истовремено кожата е и огледало на она што се случува во нашиот организам, било каква девијација од нормалата се рефлектира на кожата. Токму затоа дури 85% од стареењето на кожата е предизвикано од фактори на средината но и од начинот на кој живееме.

Таканаречените 7 С се фактори кои почнуваат на буквата С (англиска транскрипција, научен труд од Др. Виктор Габриел Клатици-дерматолог од Букурешт, Романија, 2015г.) со цел лесно да ги запаметиме но и да делуваме на нив со цел подолго одржување на младешки изглед и кожа во најдобра кондиција, без оглед на возраста.

1. Seconds

време-ова е единствениот фактор на кој не можеме да делуваме, секоја наредна секунда нашата кожа старее. Единствен здрав приод кон стареењето е да го прифатиме како неизбежен, нормален дел од животот.

2. Sun

сонцето т.е УВ зраците го разградуваат колагенот и еластинските влакна во кожата, што предизвикува појава на длабоки брчки, проширени капилари, пигментации и опуштање на кожата, а носи и значителен ризик за појава на рак на кожа.

3. Smoking

Пушењето го забрзува стареењето на кожата преку предизвикување на оксидативен стрес, намалување на циркулацијата во кожата и забрзана разградба на колагенот и еластинот.

4. Sleep

Недостатокот на сон може да го наруши процесот на репарација и регенерација на кожата, што води до бледило, темни кругови околу очите и уморен изглед.

5. Stress

Хроничниот стрес доведува до ослободување на кортизол, хормон кој може да го разгради колагенот и еластинот во кожата. Стресот исто така води до нарушување на заштитната функција на кожата, правејќи ја подложна на оштетеување и стареење.

6. Sugar

Исхрана богата со преработени храна богата со шеќери и висок гликемиски индекс води до прерано стареење на кожата.

7. Skin Care

Запоставувањето на чистење, хидратација и заштита на кожата од негативните влијанија на околината води кон прерано стареење. Употребата на агресивни производи за нега на кожата или често ексфолирање може исто така да ја оштети заштитната бариера на кожата и да го забрза стареењето.

Заклучок

Практикување на здрави навики, како соодветна заштита од сонцето, престанок на пушење, , редовно вежбање кое води и до редовен сон, управување со стресот, избалансирана исхрана богата со антиоксиданти, витамини, минерали и есенцијални масти, и добри навики за нега на кожата ќе ви помогнат да го забавите процесот на стареење на кожата и да бидете задоволни од својот изглед на било која возраст.

Фотостареење – Предвремено стареење на кожата предизвикано од УВ зраците

Биолошкото стареење е резултат на физиолошката загуба на колагенот, намалување на масното ткиво и побавна циркулација што се очекува како нормална појава со текот на годините.

Кожата ја губи цврстината, еластичноста, сјајот и под дејство на гравитацијата лесно се опушта и на места формира фини линии. Тоа се единствените знаци на биолошкото стареење.

Главни виновници за појава на длабоки брчки, старечки флеки и проширени капилари се всушност УВ зраците, кои доведуваат до таканареченото фотостареење.

Во прилог фотографија од 92 годишна жена која повеќе од 40 години секојдневно користела крема со заштитен фактор но, само на лицето, вратот останал незаштитен. Еклатантен приказ на тоа како стареењето на кожата е сосема различно од она предизвикано од пролонгирана и незаштитена изложеност на штетните УВзраци, и што е уште поважно води кон зголемен ризик од карциноми на кожа. Фотографијата е објавена во Британскиот Медицински Весник, еден од најреномираните медицински научно истражувачки гласила.

Pro-aging или anti-aging

Стареењето на кожата е неизбежен, физиолошки процес, кој е резултат на забавување на метаболичките процеси, намалената циркулација, постепеното намалување на поткожното масно ткиво и загуба на колаген. На ова, биолошко стареење чини само 15% од вкупното стареење на кожата, поголемиот дел од дури 85% е резултат на фотостареење, предизвикано од негативното дејство на ултравиолетовите зраци, и стареење предизвикано од останати негативни влијанија од средината на која сме постојано изложени( загаден воздух, неповолни климатски влијанија и иританси).

Сите старееме различно, некој побрзо некој побавно. Одредени фактори може да влијаат на процесот на стареење. Исхрана богата со антиоксиданси, вит Ц, ресвератрол и омега 3 масни киселини може да го забави процесот на стареење и позитивно влијае на метаболичките процеси во кожата. Редовна физичка активност, престој во природа, социјални контакти, позитивни мисли, ги забавуваат процесите на стареење. Пушењето има негативно влијание, годишното намалување на колагенот е 1%, но кај пушачите тој процент е многу поголем. Стресот е исто така негативен фактор. Редовниот сон, особено доколку се одвива во исти временски интервали, има позитивен ефект.

Самиот начин на кој го прифаќаме стареењето влијае на стареењето. Позитивниот пристап(“pro-aging”) кој значи прифаќање на стареењето како природен здрав процес води и кон поспоро стареење. Целта е да се грижиме за својата кожа секојдневно и континуирано, подржувајќи ги нејзините природни одбранбени механизми, хидролипидната бариера и микробиомот, не изложувајќи ја на агресивни процедури и препарати кои може да доведат до фотосензитивност, иритација и инфламација, кое се всушност вистинските акцелератори на процесот на стареење. Основни правила са секојдневна нега се-чистење, хидратација и заштита од надворешните влијанија. Рутината се одвива со помош на само 3 препарати, кои некогаш и се комбинирани, на пример отстранување на шминката и сите нечистотии навечер со благ чистач на база на масло и вода, потоа хидратантна богата крема пред спиење а наутро имаме уште еден чекор, заштитен фактор од сонце, кој доколку е во боја ќе ви заштеди употреба на пудра .

Планоцелуларен карцином, втор најчест рак на кожа

Рак на кожа е општа дијагноза, која вклучува повеќе типови на карциноми настанати од различни типови на кожни клетки. Базоцелуларниот е од базални клетки, еден од најчестите , но со најдобра прогноза. Меланомот пак настануво од меланоцитите, кожни клетки кои и ја даваат бојата на кожата(меланин), ова е најреткиот , но за жал најсмртоносен.

Ракот на кожа од плочести клетки , планоцелуларен е втор по честота, има малку полоша прогноза од базоцелуларниот, бидејќи може да метастазира во околните лимфни јазли, и да доведе до несакан исход.

Се јавува на места кои се секогаш изложени на сонце, и е резултат на напластувањето на негативниот ефект од сончевите зраци. Најчесто го гледаме на поглавината, на ушите и околу ушите, и на горната страна од шаките.

Било какво црвенило, придружено со лушпи или пак брадавичеста промена кај постари лица на горната страна од шаките може да биде планоцелуларен карцином, рак на кожа од плочести клетки. Кога е откриен рано, во ин ситу стадиум, тн бовенова болест, може да се третира и со течен азот, доколу продолжи да расте ќе формира брадавичеста промена или пак задебелена, црвеникава плака која е придружена со болна осетливост.

Мошне често овие промени се погрешно сфатени како псоријаза, екцема,обична брадавица или пак габична инфекција и се погрешно третирани.

Дермоскопскиот преглед ја олеснува дијагнозата и овозможува ран и соодветен третман.