Меланомот е најретка но, најопасна форма на кожен рак, тој е најагресивен од сите малигни заболувања и има највисок ризик од смртен исход!
Секој може да биде жртва на меланомот! Добрата вест е дека овој подмолен убиец можете и сами да го откриете. Клучот е во вашите бенки! Секој возрасен човек има најмалку 10 до 50 бенки кои се појавуваат од раѓање па најдоцна до 45 година.
Меланомот на почеток од својот развој може да наликува на бенка. Затоа ги следиме бенките, за да може навреме да го откриеме меѓу сите тие бенигни промени. Тоа го правиме со самопреглед на кожата, најдобро еднаш во месецот, со огледало или помош од најблиските. Сите бенки кај еден човек си наликуваат една на друга, имаат сличен облик,правилна форма и слична боја, обично светло или темно кафена.
Доколку забележите бенка која е сосема различна од другите, таканаречено грдо пајче, која има неправилна форма, нерамни ивици, повеќе од две бои, и покажува раст ВЕДНАШ јавете се на преглед кај дерматолог кој практикува дермоскопија.
Тој ќе направи проверка на целата кожа, на сите бенки со помош на дермоскоп, еден вид на рачен микроскоп. Прегледот е безболен, не трае многу долго, не носи никаков ризик по здравјето.и не бара претходна подготовка, а ни овозможува скоро 100% точност во дијагнозата.
Секој возрасен треба еднаш во годината да направи ваков преглед, тн скрининг за рак на кожа,превентивен преглед како што правиме и за рано откривање на рак на дојка, рак на простата, рак на бели дробови итн. Ако се открие во рана фаза, лекувањето се состои само од амбулантна хируршка интервенција во локална анестезија и има до 97%успешност-што е скоро рамно на излекување.
Многу често слушаме од пациентите- не е ништо, не ме боли, не ме чеша, не крвари значи не е опасно, само на кожата е! Не чекајте да развиете симптоми за да дојдете на преглед, меланомот на кожата не е само проблем на кожата, доколку го оставите, по логиката на не чепкај бенка, тој ќе метастазира како и секој друг карцином-ќе се прошири во лимфните јазли и внатрешните органи и ќе го загрози вашиот живот!.
Запомнете неколку мошне важни работи за меланомот:
– може да се јави на било кој дел од вашата кожа, не само на откриените делови изложени на сонце( на стапалата, меѓу прстите, под косата, под ноктите)
– изгорениците од сонце се главна причина, заедно со генетиката
– една потешка изгореница од сонце двојно поголем ризик за меланом
– дури и само 1 посета на солариум 75% поголем ризик
– може да се јави на било која возраст, не е болест само на постарите,тој е најчеста причина за смрт кај лица под 30г.возраст, особено жени
– може да се јави и кај потемните кожи кои не горат на сонце
– со секојдневна употреба на заштита од сонце, го успорувате процесот на стареење на кожата и го намалувате ризикот за појава на рак на кожа за 50%
Меланомот е единствен рак кој може да го видиме, единствен рак кој може да го спречиме, рак кој може и комплетно да се излекува само доколку рано се открие!
Затоа, доколку забележите нова промена на вашата кожа, која не наликува на останатите, расте и се менува, ВЕДНАШ закажете дермоскопски преглед, може да ви го спаси животот!