ЕМОЛИЕНТИ – разни видови на креми, масти или лосиони кои ја навлажнуваат и омастуваат кожата со што и ја враќаат нејзината заштитна хидролипидна бариера и не дозволуваат кожата да се исуши. На тој начин го спречуваат чешањето и влошувањето на атопичниот дерматит.
Емолиентите треба да се нанесуваат онолку често колку што бара кожата (2-3-5 пати) без ограничувања. Мастите обично се нанесуваат навечер, а кремите преку ден. Исто така и сезоната бара различни емолиенти, погусти и помасни во зима, а лосиони и млека во лето. Треба да се користат секојдневно, дури и кога кожата изгледа добро, што е најчестата грешка која ја прават пациентите.
Емолиенти се користат инкорпорирани и во средствата за туширање во форма на маслени купки. По туширањето кожата треба нежно да се утапка, никако да се трие, и додека е сеуште влажна да се премачка со емолиент.
Постојат повеќе производи наменети за атопична кожа, генерално без конзерванси и адитиви, со различна комбинација на масти и средства за хидратација, како глицерин, уреа, линоленска киселина, парафин, церамиди во различен сооднос.
Самиот пациент, во соработка со дерматологот, ќе го избере она средство што највеќе ќе му одговара.