Атопичниот дерматит (егзема) е хронично заболување на кожата, што значи има периоди на подобрување и влошување на клиничката слика.
Само дерматологот може да ја одреди најсоодветната терапија за пациентот која ќе биде прилагодена на моменталната состојба на кожата. Примената на кортикостероиди за локална употреба(лекови во форма на крема, маст, лосион) често знае да ги заплаши родителите, па во некои случаи тие дури одбиваат да го подложат своето дете на оваа терапија.
Кортикостероидните креми и масти се лек на избор за атопичниот дерматит и со нивна правилна употреба нема место за загриженост. Дерматологот точно знае во која регија, кај која возрасна група каков тип на кортикостероид да примени и колку долго.
Со правилна употреба на овие препарати доѓа до брзо смирување на кожата без никакви споредни ефекти. Земањето на терапија на своја рака носи поголеми ризици и ја попречува работата на дерматологот. Многу често родителите посегаат сами по кортикостероидни креми и ги употребуваат премногу кратко, ден, два, а потоа за кратко време промените на кожата се враќаат, повторно ден, два и така во круг. Ова води само до неуспешна контрола на атопијата, и можна појава на нус ефекти од неправилно спроведена терапија.
По смирувањето на воспалението, повлекување на црвенилото, осипот, чешањето, сувоста, терапијата постепено се намалува и се продолжува со нанесување на емолиенти онолку често колку што е потребно.
За време на терапијата не престануваме со употреба на емолиенти!
Постојат и понови лекови кои не се кортикостероиди, а го имаат истиот ефект. Овие лекови најчесто ги применуваме кај потешки форми на атопичен дерматит или во регии каде кожата е потенка, почувствителна и каде кортикостероидна терапија треба да се избегнува. Тоа се региите како лицето, особено околу очите, потоа под пазувите, препоните и гениталната регија.