Инфекцијата со хуман папилома вирусот може да перзистира со години во латентна (скриена) форма и во одредени услови на намалена отпорност на домаќинот да доведе до активна инфекција т.е создавање на кондиломи.
Од типот на вирусот ке зависи и прогнозата. Најчести предизвикувачи се типовите 6 и 11 кои се со низок ризик. Постојат вируси кои имаат висок малиген потенцијал (типовите16, 18, 31, 33, 35) и можат да доведат до појава на малигно заболување, најчесто карцином на цервиксот.
Токму затоа, жените со генитални брадавици задолжително треба да направат ПАП тест.
Сите сомнителни промени кои не реагираат на терапијата или се влошуваат треба да се биопсираат. Периодот на инкубација трае од три недели до осум месеци(најчесто 3 месеци), односно по незаштитен полов однос со лице кое е инфицирано може да поминат од 3 недели до 8 месеци до појава на симптомите.
Наједноставен третман на гениталните брадавици е смрзнувањето со течен азот. Се спроведува во интервали од 7-10 дена, не бара анестезија, не е скапа метода и не остава лузни.
По завршување на лекувањето се препорачува следење од најмалку 3 месеци(во овој период најчесто може да се јават нови брадавици).