Што ги предизвикува?
Акните се едно од најчестите заболувања за кое пациентите бараат помош од дерматолог. Нема регион, раса или старосна група која не е засегната . Преваленцата за адолесценти се движи меѓу 79- 95%, за возрасни над 25 год. 40-54%, за средната возраст 12% за жени и 3% мажи. Се работи за хронична, комплексна состојба, тешка за третирање која најчесто се јавува во пределот на лицето, но може да биде зафатена и кожата на грбот , градите, вратот , рамената.
Причините за појавата на акни се многубројни со нагласено влијание на генетската предиспозиција. Се наследува структурата на влакнениот фоликул, активноста, бројот, големината и локализацијата на лојните жлезди, што всушност и го одредува типот на акни и тежината на клиничката слика .
Главен фактор за создавање на акните е промена во хормонскиот статус – периодот на пубертетот, менструалниот циклус, намаленото ниво на естрогени, синдромот на полицистични јајници кој го прати и појава на зголемена влакнетост. Хормоналниот дисбаланс доведува до екцесивна продукција на себум (себореа*) и епидермални клетки (хиперкератоза*) во внатрешноста на фоликулот, што доведува до блокирање на порите, преполнување на фоликулот , намножување на cutibacterium acnes (бактериска колонизација*) чии продукти доведуваат до иритација и инфламација (воспаление*). Оваа патогенеза води кон создавање на неинфламаторни промени-отворени и затворени комедони, или инфламаторни промени –папули, пустули (гнојарчиња) и нодули . Зависно од присуството и бројот на овие промени , може да зборуваме за – лесна форма – без воспалителни промени (комедонално акне), умерено тешка форма на акни (комедони, мал број на папули, пустули) и тешка форма на акни нодулоцистична (инфламаторни папули, пустули, големи нодули со дијаметар поголем од 5 мм, појава на лузни).
Стресот доведува до влошување на акните. Тој го нарушува хормоналниот статус, а исто така и супримирачки делува на имунолошкиот систем. Многу млади луѓе се соочуваат со ерупција на акни при подготовка на испитите , или пак после бурна забава. Консумирањето алкохол, цигарите и несоодветниот сон делуваат негативно на акните.
Храната со висок гликемиски индекс исто така ги влошува акните. Тоа се продукти со голема концентрација на прости шеќери, продукти од бело брашно и рафинирана храна . Се препорачува консумирање на повеќе интегрални житарици, немасно месо, пилешко и риба, овошје, зеленчук и многу вода. Ставовите околу чоколадото и млечните производи се контроверзни, но сепак се препорачува умерено користење на чоколадо , подобро со повисок процент на какао, избегнување на млечните производи , со исклучок на ферментираното млеко богато со лактоферин и лактобацили.
Како се лекуваат ?
Терапијата е насочена против 4те главни фактори во патогенезата на акните, таа треба да ја намали продукцијата на себум, да делува кератолитички, антибактериски и антиинфламаторно Основните тераписки режими се состојат од локална терапија , додека кај потешките случаи се применуваат и системски препарати како антибиотик или орален ретиноид (изотретиноин). Третманот секогаш треба да биде индивидуално прилагоден на пациентот во зависност од типот на акните и тежината на клиничката слика.
Локалната терапија ја чинат – бензоил пероксид (2%, 5%, 10%), локални ретиноиди (третиноин, адапален) и локални антибиотици (клиндамицин, еритромицин). Ретиноидите секогаш се нанесуваат навечер на сува кожа, со постепено воведување (два пати неделно, потоа три пати неделно, па секоја вечер) бидејќи лесно доведуваат до иритација на кожата , сувост, лупење, чувство на печење и чешање. Поновите препарати користат современа технологија за микроенкапсулирање на ретинолот, што овозможува полесна пенетрација, повстепено ослободување на активната супстанца, повисока ефикасност. а помали нус ефекти, како иритација, сувост, печење. Антибиотските препарати се користат преку ден, го намалуваат бројот на инфламаторни промени (папули и пустули), но предолгата употреба води до резистенција. Најновите трендови користат активни комплекси кои делуваат на намалување на бројот на бактериите кои се одговорни за појавата на акни, или пак делуваат фаворизирачки на таканаречените добри бактерии кои го чинат нормалниот биофилм/микрофлора на кожата. Kако одлични кератолитици, без нус ефекти, се почесто се користат АХА и БХА киселините (гликолна, салицилна, манделична, лактична, азелаична) тренд е да се комбинираат овие препарати со средства кои делуваат себорегулирачки, антиинфламаторно, смирувачки и регенеративно ( ниацинамид, цинк, алое вера, пироктоноламин) со истовремено делување на активните акни и постакне промените(црвенила и хиперпигментации).
Системската терапија се состои од орален антибиотик, од групата на тетрациклини, но во последно време се почесто се избегнува нивната употреба поради развој на резистентни соеви, се настојува да се применуваат ниски дози со цел да се искористи само антивоспалителниот ефект, особено кај пустулозните форми. Орален ретиноид-изотретиноин е резервиран за најтешките форми на акни (нодуло-цистични), како и оние кои не реагираат на веќе опишаната терапија. Додека кај пациентките со синдром на полицистични јајници и потврден хормонален дисбаланс, во соработка со гинеколог или ендокринолог се ординира хормонална терапија(естрогени, прогестерон во ниски дози или спиронолактон).
Конвенционалното лекување на акните трае од 3-6 месеци. Изостанокот на брзи резултати ги обесхрабрува пациентите, особено адолесцентите , кои прерано се откажуваат од терапијата, се префрлаат на нов препарат, напоредно користат повеќе препарати, дури и почесто од пропишаното што само ја влошува ситуацијата.