Dermanova - Logo Full

Што е егзема/атопичен дерматит?

Атопичниот дерматит/егзема е хронична воспалителна кожна болест  која се јавува кај фамилијарно предиспонирани лица. Има типична презентација и засегање на типични регии од телото , а кардинален симптом  е интензивниот  јадеж. Причината поради која се јавува атопичниот дерматит  е непозната, но  главна улога има  генетската  предиспозиција  и факторите  на околината. Се наследува  недостаток на одредени материи во кожата кои ја градат заштитната бариера и несоодветен имунолошки одговор на инаку нормални дразби од околината . Климатските фактори од една страна и стресот од друга страна  исто така доведуваат до влошување на состојбата кај лицата со атопичен дерматит/егзема. Кожата ја има изгубено заштитната улога, што доведува до зголемена загуба на вода, таа е постојано сува и порозна за бројните надворешни иританси и алергени . Затоа е многу важно пациентите редовно да нанесуваат емолиенти (креми, масти, лосиони, млека, балзами) и на тој начин сами да ја обноват заштитната кожна бариера.

Атопичниот дерматит/егзема  е дел од атописката тријада со алергискиот ринит и астмата.  Дури кај две третини од пациентите во блиското семејство има случаи на атопичен дерматит/егзема, астма или алергиски ринит. Ако двата родитела имаат некоја форма на атопија, детето во 60-80% ке развие атопичен дерматит .

Се работи за мошне често заболување, заболуваат 10-20% во светски рамки, почеста е кај градската популација и во индустријализираните земји отколку во руралните средини (теорија на хигиена). Во однос на возраста, во 50% од случаите атопичниот дерматит/егзема се јавува во првата година од животот, додека кај 60-80% пред да навршат 5 години.

Основен  симптом  кај егземата/атопичен дерматит е сувата кожа која многу чеша. Јадежот е толку  силен, да го обеспокојува пациентот, го нарушува сонот и може драматично да влијае на квалитетот на живот. Промените на кожата , како и региите кои се зафатени зависат од возраста на пациентот.

Кај доенчињата и децата до 2 години екцематичните промени се во вид на црвенило, ситни меурчиња кои брзо биваат изгребани и се препокриваат со крусти. Зафатени се образите, косматиот дел на главата, трупот и надворешните страни на екстремитетите.

Кај  постарите деца доаѓа до локализација на промените во типични регии, предниот дел на лакотниот зглоб,затколената јама, рачниот зглоб,вратот.Кожата поради хроничното гребење станува задебелена,сува и се лупи.Вака оштетената кожа е подложна на секундарни инфекции од бактерии, вируси или пак габи.

Лекувањето на атопичниот дерматит/егзема  е комплексно, како и самата негова етиологија. Најосновно е да се избегнуваат иритансите, да се спроведува редовна нега на кожата со соодветни емолиенти , а кога ќе дојде до воспаление, кортикостеродни препарати, по препорака на дерматологот.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПАЦИЕНТИТЕ

  1. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ИРИТАНСИ И ТРИГЕРИ

-сапуни, детергенти, парфимирани купки-ја пресушуваат кожата и ја прават склона на иритации

-силни детергенти за перење и омекнувачи, користете дополнителнo плакнење

-обидете се што е можно помалку да се чешате (атопичниот дерматит  е чешање што се осипува , а не осип што чеша), скратувајте ги ноктите, чешајте се со прстите

-носете памучна облека блиску до телото, никако волна или синтетика, груби ткаенини

-не се претоплувајте, избегнувајте премногу топло или пак премного студено

-користете навлажнувач на воздухот во домот (и лете и зиме)

 ТРИГЕРИ се фактори на околината кои доведуваат до влошување на состојбата-куќна прашина, дерматофагоидес, полени, храна (кравјо млеко, јајца, кикиритки, јаткасти плодови, риба), мувли, влакна од куче или маче. Само кај една третина од пациентите се работи за вистинска алергија кон овие алергени,(се потврдува со алерголошки тестирања или пак мерење на специфичниот ИгЕ, над 3годишна возраст), додека пак кај останатите две третини всушност се работи за интолеранција, која со текот на годините знае и да се намали па дури и сосема да исчезне. Стресот е исто така тригер фактор кој доведува до влошување на симптомите на атопичниот дерматит/егзема. На пример, кај помалите деца тоа може да биде поаѓање во градинка, одвојување од мајката, раѓање на братче или сестриче, поаѓање во училиште .

 2. ЕМОЛИЕНТИ-разни видови на креми, масти или лосиони кои ја навлажнуваат и омастуваат кожата со што и ја враќаат нејзината заштитна хидролипидна бариера и не дозволуваат кожата да се исуши. На тој начин го спречуваат чешањето и влошувањето на  на болеста. Емолиентите треба да се нанесуваат онолку често колку што бара кожата (2-3-5 пати) без ограничувања. Мастите обично се нанесуваат навечер , а кремите преку ден. Треба да се користат секојдневно , дури и кога кожата изгледа добро, што е најчестата грешка која ја прават пациентите. Емолиенти се користат  инкорпорирани и во средствата за туширање во форма на маслени купки. По туширањето  кожата треба нежно да се утапка, никако да се трие, и додека е сеуште влажна да се премачка со емолиент. Постојат повеќе производи наменети за атопична кожа, генерално без конзерванси и адитиви, со различна комбинација на масти и средства за хидратација, како глицерин, уреа, линоленска киселина, парафин, церамиди во различен сооднос. Самиот пациент, во соработка со дерматологот, ќе го избере она средство што  највеќе ќе му одговара.

3. КОРТИКОСТЕРОИДНА  ТЕРАПИЈА-атопичниот дерматит е хронично заболување, што значи има периоди на подобрување и влошување на клиничката слика. Само  дерматологот може да ја одреди најсоодветната терапија за пациентот која ќе биде прилагодена на моменталната состојба на кожата.

Примената на кортикостероиди често знае да ги заплаши родителите, па во некои случаи тие дури одбиваат да го подложат своето дете на оваа терапија. Кортикостероидните креми и масти се лек на избор за атопичниот дерматит и со нивна правилна употреба нема место за загриженост.

Дерматологот  точно знае во која регија, кај која возрасна група каков тип на кортикостероид  да примени и колку долго. Со правилна употреба на овие препарати доѓа до брзо смирување на кожата без никакви споредни ефекти.

Земањето на терапија на своја рака носи поголеми ризици  и ја попречува работата на дерматологот. По смирувањето на воспалението терапијата постепено се намалува и се продолжува  со нанесување на емолиенти онолку често колку што е потребно.

Постојат и понови лекови кои не се кортикостероиди, а го имаат истиот ефект. Овие лекови најчесто ги применуваме кај потешки форми на атопичен дерматит или во регии каде кожата е потенка, почувствителна и каде кортикостероидна терапија треба да се избегнува. Тоа се региите како лицето, особено околу очите, потоа под пазувите, препоните и гениталната регија.

Со придржување на советите од дерматологот за хигиенодиететските мерки ќе успеете да ги сведете на минимум периодите на влошување, а интервалите без воспалителни промени ќе бидат се подолги. Кај повеќето пациенти атопичниот дерматит е најизразен во периодот меѓу втората и четвртата година, но генерално се подобрува со годините и во некои случаи сосема се губи до периодот на пубертетот.

Share This :

Recent Posts