Што е себороичен дерматит?
Себороичен дерматит е многу честа хронична воспалителна состојба на кожата која се јавува во регии со поголема концентрација на лојни жлезди, таканаречени себороични регии. Тука спаѓаат скалпот, веѓите, кожата на лицето меѓу носот и устата, меѓу устата и брадата, централниот дел на градите, грбот особено меѓу лопатките, кожата околу папокот, препоните и аногениталниот регион, местата со кожни набори, под дојките, под пазувите.
Се среќава кај 2-5% од популацијата, кај новороденчиња до 3 тиот месец, кај возрасни после пубертетот и кај постари лица (постои асоцијација со Паркинсоновата болест), претежно кај лица од машки пол. Постои наследна предиспозиција, повеќе членови од едно семејство може да ја имаат. Причините се малку нејасни, но сепак се смета дека зголеменото лачење на лој е еден од главните фактори, одредени микроорганизми и нивни метаболити на кожата (габичката Pityrosporum ovale), емоционален стрес, климатските промени имаат влијание, обично состојбата се влошува во текот на зимските месеци. Начинот на исхрана исто така е важен фактор, премногу масна, зачинета и пикантна храна ја влошува состојбата.
Клиничката слика се карактеризира со појава на остро ограничени портокалово-црвени промени, со овална или неправилна форма кои се покриени со жолтеникави лушпи придружени со јадеж од различен интензитет. Лушпите на скалпот може да бидат масни или суви, да се присутни на места, но понекогаш го зафаќаат и целиот скалп, така да диференцијалната дијагноза со псоријаза може да биде тешка. Кај новороденчињата клиничката слика е слична на скалпот (теменица), на лицето, зад ушите, а во пеленската регија доминира црвенило и мошне често се појавува секундарна габична инфекија. Обично до 4 тиот месец промените може и спонтано да се повлечат.
Себороичниот дерматит е хронична дерматоза со периоди на влошување и подобрување. Се лекува со нископотентни корикостероиди, антимикотични препарати, средства кои содржат сулфур или салицилна киселина. Овие препарати може да бидат во форма на лосиони, креми или масти, зависно од регијата за која се наменети, како и од моменталната состојба на кожата што најдобро ќе го процени вашиот дерматолог. Пациентите треба да се запознаени со хроничниот карактер на заболувањето. Факторите кои ја влошуваат состојбата треба да се избегнуваат или пак сведат на минимум. Лековите да се применуваат строго по препорака на дерматолог, а по смирувањето на акутната фаза да се продолжи со соодветна нега наменета за себороична кожа.