СПФ е кратенка од “sun protection factor”но, реално може да го преведеме и како “SUNBURN protection factor” или уште подобро “SKIN CANCER protection factor” со цел луѓето полесно да ја сфатат нивната важност и редовно да ги употребуваат.
Главната причина поради која се измислени е да ни го продолжат престојот на сонце без да изгориме! Секоја кожа има свој праг на чувствителност на сончевите зраци, посветлите кожи можат да изгорат на сонце само после 10 минути незаштитен престој на отворено, додека потемните дури после 30 минути или повеќе. Бројката која стои до ознаката СПФ покажува за колку ни е продолжен тој престој, на пример СПФ 15, го продолжува престојот за 150 минути (15х10), 30 за 300 итн.
СПФ 15 блокира 93% од УВ зраците, СПФ 30 97% , а СПФ 50 98%, навидум незначителна разлика. Но гледано од аспект на бројот на фотони кои успеваат да продрат до нашата кожа би изгледало вака, кај СПФ 15 дури 7% кај СПФ 30 двојно помалку, само 3, а кај СПФ 50 уште помалку 2%. Продолженото време на заштита кое го нудат исто така е битно СПФ 15-150 мин. СПФ 30-300 мин. СПФ 50-500 мин.
За жал потребното количество од кремата кое го гарантира ова е 2мг на см2, што ретко кој го применува во реалниот живот. На пример за лицето и вратот ќе ви бидат потребни две линии од средството, ставете ги на показалецот и средниот прст и една по една нанесете на лицето и вратот. Постојат регии кои многу често се пропуштаат, не заборавајте ги-ушите, задната страна од вратот и зад ушите, дланките и стапалата. Исто така внимавајте на региите околу очите. усните и носот., тоа се всушност и местата каде подоцна го гледаме базалиомот, најчестиот вид на кожен рак. Бидејќи лесно може да дојде до иритација на овие од хемиските филтри во СПФ средствата, користете минерални филтри во форма на транспарентен стик.
Од друга страна стабилноста на сончевите филтри кои ја обезбедуваат таа заштита трае најмногу до 2 часа, поради што советуваме реапликација по истекот на тие 120 минути. Исто така после секој престој во вода, физичка активност или игри на песок, кога и механички се отстрануваат.
СПФ факторот е всушност квантифицирана заштита од УВБ зраците, кои предизвикуваат изгореници, видлив и непосреден штетен ефект чие спречување може да се измери.
За жал УВА зраците, кои се присутни во многу поголем процент немаат директен негативен ефект, туку доведуваат до суптилни оштетувања на ниво на клетката, кои стануваат видливи дури по неколку децении. Тие оштетувања се манифестираат во форма на предвремено, забрзано стареење на кожата и појава на кожни карциноми. Бидејќи тој ефект не може да го измериме, а со цел да се обезбеди заштита и од УВА зраците во секое средство за заштита од сонце, зашитните филтри од УВБ и УВА зраците да бидат присутни во размер 3 спроти 1. На средствата во Европа пишува дека нудaт заштита од широк спектар, УВБ и УВА, додека во Азија оваа заштита од УВА зраците е посебно квантифицирана како ПА ++++(највисока).
Ние дерматолозите секогаш препорачуваме максимум заштита, бидејќи со неправилната употреба, недоволното количество и ненаврементото реаплицирање реалната заштита е многу помала од онаа на амбалажатa.
Најважно е да изберете СПФ средство од минимум СПФ 30, со широк спектар на заштита од УВБ и УВА зраците и да е водоотпорно! Најдобро средство со СПФ е она кое го користите!
Запомнете, секојдневната употреба на средствата со СПФ ве штити од изгореници, го забавува процесот на стареење на вашата кожа и го намалува ризикот од појава на кожни карциноми за 50!