Дермоскопијата е понова, револуционерна дијагностичка процедура за рано откривање на меланомот и останатите кожни карциноми. Дермоскопот е рачен микроскоп кој ни овозможува увид во структурите 1 до 2 мм под површината на кожата, структури кои не се видливи со голо око ниту пак со лупа, обично зголемувачко стакло за полесна проценка на промените кои се наоѓаат на површината на кожата.
Прегледот со дермоскоп е брз и безболен, едноставно овој рачен микроскоп се поставува на површината на кожата и се набљудуваат дермоскопските структури. Само едуциран дерматолог може успешно да ја користи дермоскопијата за рана детекција на меланомот и останатите кожни тумори. Тоа подразбира дермоскопски курсеви и обуки за совладување на фасцинантната дермоскопска азбука, за правилна интерпретација на бројни специфични обрасци, кои што може да сугерираат малигна или бенигна природа.
Дермоскопскиот преглед има три можни исходи. Првиот кога се работи за 100% бенигна промена, нема потреба од дополнителни чекори. Вториот исход е кога се соочуваме со можна малигна промена, неопходна е хируршка ексцизија/биопсија со цел да се докаже или исклучи можна малигна болест.
Третиот исход е кога имаме сомнителна промена која нема доволно елементи за да биде прогласена за малигна ниту пак сме 100% сигурни во нејзината бенигност, тогаш се изведува дигитална дермоскопија. Со помош на дигитален апарат сликата која ја гледаме преку дермоскопот ја пренесуваме на компјутер и ја зачувуваме. Потоа следи набљудување и анализа на дермоскопските структури со можност и за многукратно зголемување, со што и најситните детали стануваат јасно видливи.
Дигиталната дермоскопија ни помага во откривање на поретки и нетипични форми на малигни тумори, кои доколку се анализираат само со проста дермоскопија би можело да се пропуштат.
Исто така таа ни овозможува и секвенционирано следење на сомнителни промени, евалуација и следење на бенките кај лица кои имаат повеќе од 50 бенки, mole mapping-документирање на локацијата, големината, формата, бојата на сите бенки, нивно следење на одредени временски интервали со споредување на дигиталните фотографии, што е мошне значајно во откривањето на бавно растечките и меланомите со недоволно развиени знаци на малигнитет.
Следење на бенките со дигитална дермоскопија е неопходно и кај лицата кои веќе отстраниле меланом (ризикот за појава на втор меланом оди до 12% особено во првите 2 години по интервенцијата). Во ризични групи кои би имале најголем бенефит од секвенционирано дигитално следење се оние со историја на сончеви изгореници, корисници на солариум, лица со посветол тен, руса или црвена коса и лица на имуносупресивна терапија поради трансплантирани органи.
Дермоскопскиот преглед ги има сите атрибути на одличен тест- прецизност, никакви споредни ефекти, брзо се изведува, безболен е, не бара посебна подготовка, таргетира заболување кое доколку се остави нелекувано е животозагрозувачко, но со раното откривање може ефикасно да биде третирано и излекувано.
Прегледот со дермоскоп секогаш треба да ја опфати целата кожа, бидејќи доколку не се направи комплетен преглед постои статистика која вели 1 кожен карцином ќе биде пропуштен на секои 50 пациенти, а 1 меланом на секои 400 пациенти.
Кај дури 60% од пациентите со меланом не е откриен ниту еден ризик фактор. Меланомот е подмолен тип на рак кој може да се јави на било која возраст, не е резервиран само за постарите, го гледаме кај секој тип на кожа, дури и онаа што не гори на сонце, може да се појави на било кој дел од кожата, не само на откриените делови, може да биде со темна боја но, и сосема безбоен, во ниво на кожата или издигнат.
Затоа, секој човек треба еднаш во годината да направи ваков превентивен преглед, таканаречен скрининг за рак на кожа, бидејќи само раното откривање гарантира позитивен исход и дури и комплетно излекување.