Dermanova - Logo Full

Најчестиот рак на кожа-базоцелуларен карцином

Постојат 3 типа на рак на кожа, најчестиот од нив е базоцелуларниот карцином или скратено базалиом. Причина за неговата појава е долготрајна незаштитена изложеност на УВ зраците. Бидејќи негативните ефекти од УВ зраците се акумулираат во тек на годините, ризикот за појава на базоцелуларниот карцином расте со возраста.

Одредени професии кои бараат продолжен престој на отворено исто така имаат повисок ризик-земјоделци, сточари, градежни работници, но и камермани, археолози, градежни инжинери, во последно време рекреативното спортување е се почесто на отворено-планинарење, трчање, возење велосипед, исто така и одредени хобија значат континуирана подолготрајна изложеност на сонце-градинарство, цвеќарство, рибарење, лов …

Најчесто се појавува во предел на откриените делови изложени на сонце, на прво место на лицето, горниот дел на грбот и деколтето. Постојат повеќе типови на базалиом, па така и презентацијата на кожата може да биде различна.

Нодуларниот тип е еден од најчестите форми на базоцелуларен карцином. Се манифестира како сјајно, розеникаво или лесно пигментирано брунче или јазолче, многу често во предел на лицето, на носот и околу носот.

Површинскиот тип е во форма на раничка која не заздравува подолго од месец дена, може да наликува на екцематична површина кога е безбоен или на потемно петно кога е пигментиран.

Најретко се јавува во форма на лузна на место каде претходно немало повреда, таканаречен морфеиформен или инфилтративен тип.

Базоцелуларниот карцином скоро и да нема способност за метастазирање (проширување во останатите органи), но тоа не го прави помалку опасен. Доколку не го откриеме навреме може да доведе до значителни оштетувања на кожата и околните ткива, мускулите па дури и коските, оставајќи значителни деформитети, особено на лицето каде е и најчест. Базоцелуларниот карцином има многу бавен раст, токму затоа може долго време да остане незабележан.

Мошне важно е било каква нова промена на лицето особено кај повозрасните, добро да се дијагностицира и доколку се утврди дека се работи за базалиом хируршки да се лекува. На тој начин можноста за негово некомплетно отстранување и повторна појава се сведува на минимум. Избегнувајте немедицински начини на терапија и нехируршки процедури.

Со редовна употреба на креми со заштитен фактор со СПФ 30, го забавувате процесот на стареење на кожата, и го намалувате ризикот за појава на кожни карциноми на половина.

Share This :

Recent Posts