Заштитата од сонце, особено кога зборуваме за лицето кое секојдневно е изложено на УВ зраците, преку целата година, не само во тек на летото, мора да биде прилагодена на вашиот тип на кожа и специфичните потреби кое тоа ги носи.
На пример масните и комбинирани кожи, како и кожите склони кон акни, не трпат масни, густи креми, не само поради непријатното чувство, туку и ризикот од затварање на порите, поинтензивно потење и формирање акни. Затоа за овој тип на кожа секогаш советуваме средството за заштита од сонце да биде во форма на гел или флуид, со течна, немасна формула која веднаш се впива, не остава бела трага и делува себорегулирачки, има мат завршница.
Сувите кожи пак бараат погусти креми во кои има додадено богати емолиенти кои нема да дозволат пресушување на кожата под постојаните исушувачки ефекти на топлото време и интензивното УВ зрачење. Емолиенти и хидрирачки супстанци од типот на церамиди, ши путер, глицерин, сквален.
Лицата кои имаат одредена кожна проблематика од типот на розацеа, себореа, лупус, витилиго, или пак се на агресивна ексфолијативна локална терапија, се во групата на чувствителни кожи и неопходно е да бараат средство за заштита од сонце кое не содржи хемиски филтри, есенцијални масла, алкохол, парабени и додадени мириси. Сите овие супстанци можат да доведат до иритации и алергиски реакции. Барајте минерални филтри, и додадени смирувачки елементи од типот на алантоин, алое вера, овес, ниацинамид, бисаболол.
Постојат и таканаречени “anti aging” средства за заштита од сонце, иако секое од нив, со тоа што не штити од УВ зраците делува против стареењето на кожата. Кај нив има додадено антиоксидатни и хидрирачки компоненти од типот на витамин Е (токоферол), ниацинамид,хијалурон, ектоин, и слично.
Можеби најпотребна специфична заштита од сонце бараат лицата кои имаат хиперпигментации, мелазма. Кај нив сончевата заштитата е “conditio sine quа non” доколку само 1 зрак допре до веќе потемнетата кожа доаѓа до интензивирање на бојата. Овие средства треба да пружаат максимална заштита, по можност со минерални филтри или хибридни, и да содржат избелувачки додатоци(инхибитори на тирозиназа) кои ќе спречат понатамошно инензивирање на пигментот.
И многу важно треба да бидат тонирани, бидејќи железо оксидот ја штити кожата од сината светлина од мониторите која може да доведе до хиперпигментации или го потенцира веке потемнетиот дел од кожата. Овие средства не само што го стопираат интензивирањето на бојата туку и го корегираат и униформираат тенот со што се козметски уште поприфатливи.
За лицата кои биле долго време изложени на УВ зрачење, без соодветна заштита, особено на скалпот кај мажите, многу често гледаме формирање на црвени, рапави, петна, таканаречени актинични кератози кои претставуваат преканцерози. Преканцероза е промена која по извесен период може да се претвори во канцер, во случајов актиничните кератози во планоцелуларен карцином. Постојат специфични средства за заштита од сонце, кои во својот состав содржат активни состојки со интензивно анти инфламаторно и антикарциногено делување. Кај нив препорачуваме и употреба на никотинамид како суплементација бидејќи постојат студии кои го докажуваат нивното заштитно и превентивно делување.
Секое лице има потреба од секојдневна заштита од сонце, од минимум СПФ 30, преку целата година. Затоа изберете го она кое најмногу ви одговара и вметнете го во вашата дневна рутина!
Со тоа го забавувате процесот на стареење, го задржувате својот младешки изглед подолго и го намалувате ризикот за рак на кожа за 50 %!