Потењето е важен процес за одржување на оптималната температура, за нормална работа на организмот, детоксикација преку излачување на штетните материи, а заедно со лојните жлезди учествува во одржување на нормалната заштитна хидролипидна бариера на кожата.Но, кога е прекумерно може да биде и непријатно, создава дамки на облеката и непријатен мирис, поради што луќето превземаат одредени мерки за да го намалат, спречат или прикријат.
За да се намали активноста на потните жлезди и намали или отстрани непријатниот мирис, како и дамките на облеката се користат различни козметски препарати кои вклучуваат дезодоранси и антиперспиранти.
Иако многумина веруваат дека антиперспирантите и дезодорансите не се разликуваат, сепак меѓу нив не може да стои знакот еднакво.
Дезодорансите се производи наменети за спречување или маскирање на телесниот мирис. На почетокот како дезодоранси биле употребувани парфеми во форма на спреј, но денес козметичката индустрија ги има унапредено со додатоци од типот на антибактериски препарати(триклосан или растителни екстракти), нано препарати на сребро или пак алуминиум хлорид во помали концентрации од 1-5%. Дезодорансите го оневозможуваат развојот на бактериите кои во конткат со потта доведуваат до нејзина деградација и ослободување на непријатен мирис. Тие не го спречуваат потењето и не можат да помогнат во случај на прекумерно потење или хиперхидроза.Нивна цел е да обезбедат чувство на свежина и пријатен телесен мирис.Секојдневно се појавуваат мошне привлечни реклами за нивна успешна и незаменлива употреба. Поголемиот дел од нив содржат триклосан, алуминиумови соли, цинк, а како конзерванс најчесто се присутни парабените.Сите овие состојки може да делуваат иритирачки на кожата.
Антиперспирантите обично содржат соли на алуминиум како активна состојка во поголема концентрација од 10-30% и нивна главна задача е да го намалат потењето, а со тоа да го спречат и непријатниот мирис.
Алуминиумовите соли кои најчесто се користат се алуминиум хлорхидрат, алуминиум хлорид и алуминиум циркониум тетрахлорхидрат. Принципот на делување се состои во блокирање на изводните канали на потните жлезди, со што потењето драстично се намалува, а времето на делување по апликацијата на антиперспирантот може да се продолжи до 72 часа.Овие средства најдобро е да се нанесуваат во тенок слој навечер, после туширање на сосема сува кожа.
Не смеете да користите антиперспирант по бричење на пазувите (механичкото оштетување на кожата го зголемува ризикот од иритација), почекајте да поминат 24 часа.
Никогаш не комбинирајте антиперспирант со дезодоранс кој содржи алуминиум, можна е појава на алергиска реакција.
Во последно време се повеќе се етаблира сомнението дека алуминиумот во антиперспирантите има потенцијално карциногено делување, го поврзуваат со карциномот на дојка, но исто така и со Алцхајмеровата болест и покаченото ниво на алуминиум во крвта на пациентите со намалена функција на бубрезите.
Ваквото сомненеи беше поттикнато и од препораките да не се користат антиперспиранти или дезодоранси пред мамографија, што во општото мислење се превело како причинска поврзаност меќу антиперспирантите и карциномот на дојка, а вистинската причина е дека резидуите од алуминиум оставаат траги на РТГ снимката.
Сеуште се работи само за сомневање бидејќи официјалните медицински кругови го немаат потврдено ваквиот став, односно не е научно докажана и медицински потврдена поврзаноста на алуминиумот во антиперспирантите со карциномот на дојка. Можноста за апсорпција на алуминиумот преку кожата е минимална и далеку под границата на дозволеното.
Американската агенција за храна и лекови која што е одговорна за заштита и унапредување на здравјето на луѓето, има наложено на секој дезодоранс или антиперспирант кој содржи алуминиум да стои предупредување до пациентите кои имаат намалена бубрежна функција да консултираат лекар во врска со употребата на овие средства, бидејќи во услови на нивна пролонгирана употреба може да дојде до зголемување на концентрацијата на алуминиум во крвта. Ова предупредување се однесува и на децата, ваквите препарати да се вон нивен дофат и секако да се избегнува нивно користење кај младите, особено во претпубертетска возраст.
Потребни се дополнителни истражувања, клинички студии на поголеми групи испитаници и споредбени студии кои би ја разрешиле дилемата.
Дотогаш на располагање ви стојат бројни препарати од природно потекло- кристален камен, калиумова минерална сол, цинк рицинолеат, растителни екстракти од лаванда, рузмарин, жалфија, роза, лимон.